• e mërkurë, 03 korrik 2024

Претставата „На гости кај Кате и Фреда“ ги воодушеви најмладите во Пустец

Претставата „На гости кај Кате и Фреда“ ги воодушеви најмладите во Пустец

Пустец, 3 јуни 2024 (МИА) – Претставата за деца „На гости кај Кате и Фреда“ во изведба на Бабец Театар од Битола синоќа ги воодушеви најмладите, но и нивните родители и повозрасни сограѓани, кои дојдоа во Пустец од сите населени места на оваа општина.

Актерите Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска-Дранговска и Марија Стефановска кои настапија пред публиката, во претставата во режија на Јован Ристовски, беа наградени со бурен аплауз.

Поради невремето, наместо на отворено претставата беше одржана во помошните простории на црквата „Свети Архангел Михаил“, која се наоѓа во центарот на Пустец.

- Прекрасна претстава во која уживаа најмладите но и ние возрасните. Не не спречија ниту лошите временски услови да дојдеме на ова маестрална изведба. Како Општина ќе продолжиме со поддршка на оваа многу значајна манифестација за нас Македонците во Мала Преспа, рече за МИА, Ефтим Митревски, портпарол на општина Пустец.

Оваа претстава беше последователна активност во рамки на фестивалот „Македонско културно лето“, кој се одржува по 19. пат со поддршка на општина Пустец и Македонското министерство за култура.

Фестивалот беше отворен во музејот на познатиот албански писател со македонско потекло, Серјо Спасе, во село Глобочени со изложба на скулптури на Синиша Новески.

Потоа беше одржана промоција на книгата „Македонското традиционално пеење во: Мала Преспа, Гора и Голобрдо“ на Андријана Јаневска по што следуваше концерт на Андријана Јаневска.

Фестивалот го отвори министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој, меѓу другото рече дека преку културата, „ги уриваме границите и ги засилуваме врските со нашинците“.

Истиот го организира актерот Едмонд Сотир и Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“-Скопје чија цел е заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонското малцинство во оваа земја.

- Интересот на Македонците за фестивалот расте секоја година како што расте и фестивалот, имајќи предвид дека овој е главен културен настан во текот на целата година. Процентот на посетители на настаните е многу висок, скоро сите жители присуствувале барем на еден од настаните на Македонско културно лето, рече за МИА, Едмонд Сотир.

Тој исто така изразува задоволство што по две децении постоење на манифестацијата, за првпат присуствувал македонски министер за култура.

- Во скоро две децении постоење на „Македонско културно лето“ во Албанија, Зоран Љутков е првиот и единствениот македонски министер за култура кој го посетува, присуствуваше и се обрати на отворањето на оваа значајна манифестација, посочува тој.

Додава дека вечерва во 20 часот на плоштад „Гоце Делчев“ во центарот на Пустец, следува „Штетноста на цигарите“ авторски проект на Столе Мицов, додека утре во 19 часот театарската претстава

„Пасивно пушење“ во изведба на театарот „Ацо Шопов“ од Штип.

На 6 јули во 20 часот во театарот „Андон З. Чајупи“ во Корча, планиран е концерт на Симон Трпчески и Македониссимо. вт/ир

Фото: Едмонд Сотир

QËNDRONI TË LIDHUR