Пред пратениците следниот месец закон со кој ќе се спречи изградба на катната гаража зад Парламентот, најави Гаши
- Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска на брифинг со новинарите информира дека речиси целосно е готов посебниот закон со кој ќе се спречи изградбата на катната гаража со деловен простор на локација зад собраниската зграда. Со посебниот закон се очекува околината на Парламентот да биде прогласена за безбедносна зона.
- Post By Фатиме Фазљији
- 14:25, 30 janar, 2025
Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска на брифинг со новинарите информира дека речиси целосно е готов посебниот закон со кој ќе се спречи изградбата на катната гаража со деловен простор на локација зад собраниската зграда. Со посебниот закон се очекува околината на Парламентот да биде прогласена за безбедносна зона.
- Најголемо внимание во подготовката на законот е обрнато на начинот како ќе биде обесштетен сопственикот на земјиштето, затоа што се работи за приватна сопственост, а законот мора да биде во согласност со Уставот, рече Гаши.
Тој најави дека во текот на февруари ќе го испрати законот на разгледување пред пратениците, а брзината на неговото усвојување, како што рече, ќе зависи од пратеничките групи. Не прецизираше дали се предвидува национализација или експропријација на земјиштето, ниту пак, дали имаат процена колку пари ќе чини обесштетувањето на сопственикот.
- Веднаш откако почна да работи овој состав на Собранието формирав работна група, во која се претставници на сите надлежни институции, за да го решиме овој долгогодишен проблем. За жал, земјиштето зад Собранието е продадено на приватно лице, кое сакаше да изгради катна гаража. Три дена по мојот избор за претседател на Собранието, багерите веќе дојдоа. Работата беше сериозна. Во работната група дојдовме до едно законско решение, кое е 99 отсто завршено и со кое околината на објектот на Собранието ќе биде прогласена за безбедносна зона. Такви се сугестиите на безбедносните служби и така ќе се реши проблемот, рече Гаши.
Потенцира дека ова прашање е државен интерес и посочи дека сакаат овој закон да биде изгласан од сите пратеници.
- Ова е државен интерес, на сите граѓани и сакаме овој закон да го изгласаат сите пратеници. Законот ќе го промовираме кога ќе биде целосно готов, затоа што можеби ќе има и други предлози од пратеничките групи. Но, ние, како работна група и како институција сакавме да предложиме едно долгорочно и содржајно решение, рече Гаши. фф/лв/
Фото: МИА Архива