Предизвиците пред Европската комисија „Фон дер Лајен 2.0“
- Кога станува збор за мандатот на новата Еврокомисија на Фон дер Лајен. се проценува дека покрај справувањето со геополитичките ривали на ЕУ - Русија, Кина и САД предводени од Доналд Трамп, таа ќе мора да се фати во костец и со повеќе „домашни проблеми“.
- Post By Сашко Панајотов
- 10:00, 4 janar, 2025
Брисел, 4 јануари 2025 (МИА) – Мандатот на првата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен беше одбележан со предизвиците поврзани со пандемијата на Ковид-19 и избувнувањето на војни во опкружувањето на ЕУ.
Кога станува збор за мандатот на новата Еврокомисија на Фон дер Лајен. се проценува дека покрај справувањето со геополитичките ривали на ЕУ - Русија, Кина и САД предводени од Доналд Трамп, таа ќе мора да се фати во костец и со повеќе „домашни проблеми“.
Депортациите наспроти почитувањето на човековите права
Последните месеци од својот мандат, претходната Европска комисија беше под засилен притисок на земјите членки на ЕУ за справување со илегалната миграција во блокот, прашање кое се очекува да биде едно од главните проблеми и на нејзината наследничка.
Со заклучоците од декемврискиот Самит на ЕУ во Брисел, од Европската комисија се бара да изработи директива за „враќање“, термин кој се користи за плановите за депортирање на илегалните мигранти во земји надвор од границите на Унијата.
Земјите членки очекуваат во наредните месеци да биде изработена нова директива и таа да ја олесни депортацијата. Во тој контекст, некои членки бараат отворање на т.н. „центри за враќање“ во земји во соседството на ЕУ, каде што барателите на азил би биле сместени додека се обработуваат нивните апликации, по примерот на италијанскиот центар во Албанија. Овој план наиде на критики, а беше оспорен и од италијанските судови.
Дополнително, идејата за депортирање на мигрантите во земјите на потекло отвора повеќе прашања од етичка природа, а со тоа ЕУ ризикува и да биде обвинета за примена на нехумани практики.
Проширувањето наспроти ризикот од внатрешни поделби
Друг значаен предизвик на новата Европска комисија ќе биде прашањето за проширувањето на ЕУ. По руската агресија врз Украина, ЕУ го прогласи проширувањето за геостратешки интерес, при што донесе одлуки за старт на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Но, паралелно со нив ЕК ќе мора да се соочи и со предизвикот поврзан со приклучувањето кон Унијата и на земјите од Западниот Балкан, кои предолго седат во „чекалницата на ЕУ“.
Како придобивки од проширувањето се посочуваат зголемувањето на нејзиниот внатрешен пазар или надминувањето на недостигот на работна сила на пазарот на трудот, но и како наметнување на Унијата како геополитичка сила со многу поголема привлечна моќ од нејзините ривали, како Русија на пример.
Сепак, и покрај големата поддршка на проширувањето, постојат стравувања дека приемот на поголеми земји, како Украина, ќе ја преплави ЕУ со евтина работна сила и поевтини производи, што ќе има негативни влијанија врз работниците и компаниите во „старите“ членки.
Токму поради ова, се очекува Европската комисија да го води пристапниот процес со претпазливост, но во исто време не ќе може уште долго време да ги остави кандидатите за членство „на чекање“, бидејќи тоа може да биде причина за нивно разочарување и некои од нив да ги поттикне на искушение да се свртат кон Москва.
Земјоделците наспроти реформите
Околу една третина од средствата на буџетот на ЕУ се наменети за реализација на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, која вклучува и поволности и субвенции за земјоделскиот сектор, придобивки од кои не сакаат да се откажат околу 20 милиони европски земјоделци.
Од друга страна, на Еврокомисијата и требаат стотици милијарди евра за инвестиции насочени кон поттик на индустриската конкурентност на Европа, па би можела „да фрли око“ на средствата наменети за земјоделците.
Засега нема назнаки за нешто такво, а речиси е неверојатно дека на тоа би се согласиле влијателното земјоделско лоби или министрите за земјоделство на земјите членки, кои инсистираат на дополнителни поволности за земјоделците.
Тука се и реформите кои се очекува новиот комесар за земјоделство Кристоф Хансен да ги претстави уште во првите 100 дена од неговиот мандат, кои според барањата на земјоделците треба да придонесат за намалување на нивните трошоци поврзани со мерките за заштита на животната средина и за зголемување на нивните приходи. Не исполнувањето на овие желби може дополнително да ги разгневи и онака незадоволните земјоделци ширум ЕУ.
Конкуренцијата наспроти конкурентноста
Стагнирање на европската економија само дополнително ја наметнува потребата за поттикнување на конкурентноста на ЕУ. Без разлика дали се работи за американската доминација во областа на вештачката интелигенција или забрзаната експанзија на кинескиот извоз на електрични возила, креаторите на политиките во Брисел очајно се обидуваат да смислат начини да спречат европските бизниси да останат заглавени во калта и да се задоволуваат со „остатоците од ручекот на нивните странски ривали“.
Во тој правец се и идеите за зајакнување на конкурентноста на поранешниот италијански премиер и екс-шеф на Европската централна банка, Марио Драги, кој предлага зајакнување и зголемување на компаниите во ЕУ. Така, како пример се наведува фактот дека во ЕУ има 34 мобилни оператори, наспроти само три во САД. Како решение за овој проблем се предлага олеснување на процедурите за здружување на компаниите, со што би се добиле помалку, но многу помоќни телекомуникациски оператори.
Тоа сега го отвора прашањето за монополските позиции на одредени компании и до егзистенцијалната дилема на политиката на конкурентноста на ЕУ – дали да се држи до начелото за поголема конкуренција и пониски цени на услугите или да овозможи намалена конкуренција, но помоќни компании, кои би биле поконкурентни играчи на глобално ниво.
Слободата на говорот наспроти онлајн безбедноста
Во мандатот на претходната Комисија на Фон дер Лајен, беа донесени неколку пионерски законски решенија во светски рамки поврзани со дигиталната сфера, како законите за вештачка интелигенција и за дигитални услуги.
Законот за дигитални услуги пропишува строги правила кои мора да ги почитуваат онлајн платформите и социјалните мрежи, како Икс или ТикТок. Но, сопственикот на Икс и еден од најважните поддржувачи на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Илон Маск ваквите одреди на ЕУ ги оцени како „цензура од страна на регулаторите“, најавувајќи „војна“ против нив. Работите отидоа до таму што новоизбраниот американски потпретседател Џеј. Ди. Венс ја поврза поддршката на САД за НАТО, со односот на ЕУ кон платформата Икс на Маск.
Во вакви услови се очекува Европската комисија да биде внимателна во односот кон Икс, против кога води истрага за непочитување на одредбите од Законот за дигитални услуги, поврзани со ширењето на дезинформации, на терористички и насилни содржини и на говор на омраза.
Безбедноста наспроти трошоците
Во услови на заканите дека Белата куќа под водство на Трамп би можела да инвестира помалку во НАТО или да ја повлече својата поддршка за Украина, ЕУ се бори да изнајде повеќе средства за преземање поголема одговорност за сопствената безбедност, за што ќе бидат потребни огромни инвестиции во одбранбениот сектор од страна на земји кои не се навикнати да трошат многу за одбраната.
Фон дер Лајен во едно од своите обраќања пред Европскиот парламент процени дека на ЕУ ќе и бидат потребни 500 милијарди евра инвестиции за зајакнување на својот воено-индустриски комплекс. Главниот проблем е каде да се најдат тие средства во услови кога најголемите економии во ЕУ се соочуваат со стагнација и кога во исто време се потребни и огромни суми за справување со климатската криза и за зајакнување на конкурентноста.
Тука се надоврзува идејата на Франција средствата за одбрана во Унијата да се користат за купување само на опрема произведена во ЕУ, со што блокот ќе инвестира во сопственото производство и ќе го поттикне растот на европската одбранбена индустрија. Ваквата идеја би можела да го иритира Вашингтон, кој не гледа благонаклоно кон планот „купувајте европско оружје“ и кој би можел да им нуди привилегии на оние европски земји што ќе купуваат воена опрема од САД и со тоа да ги поткопа напорите за единство во зајакнувањето на одбранбената индустрија на ЕУ.
Зелените цели наспроти затегнувањето на ременот
Европскиот Договор за чиста индустрија се најавува како еден од најдеталните законодавни проекти на новата Комисија, насочени кон остварување на зелените цели, заштитата на животната средина и справувањето со климатските промени.
Комисијата предлага зголемување на инвестициите во чисти технологии во енергетски интензивните сектори, кои треба да ја придвижат европската економија, при што не би се отстапило од поставените зелени цели на блокот. Но, остварувањето на ваквата идеја нема да биде лесна, бидејќи овој индустриски сектор ќе мора да се натпреварува за ограничените средства од истото „грне“ со други сектори, како што се оние поврзани со вештачката интелигенција и Вселената.
Друг проблем е тоа што спроведувањето на Договорот за чиста индустрија ќе биде во ингеренција на најмалку тројца членови на ЕК, Тереза Рибера, Стефан Сежурне и Вопке Хоекстра, чии ставови не се поклопуваат целосно кога се во прашање еколошките теми и климатската и енергетската транзиција.
Националните интереси наспроти приоритетите на ЕУ
Еден од „најжешките костени“ на новата Европската комисија ќе биде усогласувањето на Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, чиј првичен предлог се очекува да биде презентиран претстојново лето.
Оваа рамка треба да регулира за што се ќе бидат наменат буџетските средства во износ од околу 1.200 милијарди евра, почнувајќи од поддршката за Украина, преку конкурентноста, зајакнување на одбраната, земјоделството, климатските цели, па се до пари за субвенции за снимање филмови и за културни манифестации.
Источноевропските и нордиските земји, пред се Полска и Шведска, ќе инсистираат на зголемени трошоците за одбраната, додека оние од југот на Унијата, како Италија и Грција, би сакале повеќе пари за справување со приливот на мигрантите. Тука е и прашањето поврзано со трошоците за евентуалното проширување на Унијата и приемот на нови членки.
Исплатата на средствата од Буџетот, Европската комисија ја условува со спроведување на клучни реформи и почитување на правилата, идеја која не им се допаѓа на повеќето земји членки на ЕУ, посебно на оние од Источна Европа, кои би сакале ЕК да биде пофлексибилна и да им „прогледува низ прсти“ во имплементацијата на барањата што им се поставени.
Иако, Предлог- буџетската рамка ќе биде претставена кон средината на годинава, врз основа на досегашното искуство, нејзината конечна верзија се очекува да биде усогласена некаде кон крајот на 2027 година, односно во последен момент.
Чистата технологија наспроти ризикот од згадување
Земјите членки и компаниите брзаат со развојот на нови технологии со кои би ги спречиле или забавиле катастрофалните климатски промени, но многу од тие иновативни технолошки решенија носат непредвидени несакани штетни ефекти кои претставуваат сериозен ризик од загадување.
Тоа, пред се, се однесува на перфлуороалкилни и полифлуороалкилни супстанции (ПФАС), чии ризици по здравјето се уште не се прецизно утврдени. Овие супстанци се карактеризираат со нелепливост и отпорност на маснотии, масло и вода, поради што ги има во садовите за готвење и во амбалажата, вклучително и за пакување на храна, како и во боите, пестицидите, пластиката и други материјали.
Токму поради нејасности околу ризиците од ПФАС, ЕУ воведе етапна забрана за нивно користење во повеќе сектори, пред се во оние кои треба да бидат предводници на зелената транзиција. Европската комисија најави и ревизија на Рамката за безбедност од хемикалии на ЕУ насочена кон „заштита на граѓаните од штетни материи“ и кон остварување на поставената цел за „намалување на загадувањето до 2050 година на нивоа што веќе не се сметаат за штетни по здравјето на луѓето и по животната средина“.
Ваквата цел беше поставена во 2021 година, но сега, три години подоцна во услови на две војни во соседството на ЕУ, енергетска неизвесност и потенцијална должничка криза, пред ЕУ се наметнуваа позначајни приоритети.
Токму затоа, ЕУ и нејзините земји членки ќе мора да работат на обезбедување построга регулаторна рамка за хемикалиите, со цел да не се наруши транзицијата кон чиста енергија, но и да се заштитат граѓаните и животната средина од токсични загадувања. сп/
Фото; МИА Архива