• e martë, 25 shkurt 2025

Предавање за комуникација според принципите на Дејл Карнеги

Предавање за комуникација според принципите на Дејл Карнеги

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Во „Јавна соба“ во Скопје вечер ќе се одржи трибина за комуникациски вештини по принципите на Дејл Карнеги, под менторство на комуникацискиот консултант Борче Николовски.

Предавањето е наменето за млади претприемачи, искусни професионалци, маркетери, студенти, фриленсери и индивидуалци кои сакаат да ги подобрат своите комуникациски вештини и да ги освојат соговорниците со уметноста на убедувањето. Како што најавија организаторите, освртот е кон концизно пренесување идеи, самоуверен и убедлив говор, контрола на говорот на телото и решавање на несогласувања.

-Концизен израз, пристапен и убедлив говор на телото, контрола врз пристрасноста и претходно планирање на искажувањето, се само дел од принципите на успешната комуникација кои ги препорачува глобално познатиот автор и предавач Дејл Карнеги, се вели во описот на предавањето, организирано од „ТРИбина“, платформа за ширење на знаењето надвор од книгите.

Оттаму дополнуваат дека, водејќи се од идејата дека комуникацијата е пат до успехот, менторот Николовски ќе ги открие и сподели своите вештини и трикови за комуникација во професионалната сфера и во непосредната околина.

Борче Николовски е двоен магистрант по Социологија на културата (УКИМ, Македонија) и Меѓународни односи (ЦЕУ, Унгарија) и е експерт по комуникација. Има долгогодишно искуство во комплексни проекти на меѓународно и на домашно ниво и вештини за меѓучовечки односи и комуникација. Од 1997 до 2009 година беше директор на Британскиот совет во Македонија (British Council Macedonia), каде што е вклучен во воведувањето регионалната стратегија на компанијата. Во периодот 2016 – 2017 година ја извршуваше функцијата директор на ЕУ Инфо центарот во Скопје. Во моментов е активен како консултант и стручен соработник за комуникации.бт/хс/

Фото: плакат

QËNDRONI TË LIDHUR