Прв состанок на Националното координативно тело за Инструментот за реформи и раст
- Министерот за европски прашања и национален координатор за Инструментот за реформи и раст, Орхан Муртезани, денеска во Министерството за европски прашања го одржа првиот состанок на Националното координативно тело за Инструментот за реформи и раст.
Скопје, 20 август 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања и национален координатор за Инструментот за реформи и раст, Орхан Муртезани, денеска во Министерството за европски прашања го одржа првиот состанок на Националното координативно тело за Инструментот за реформи и раст.
На состанокот, како што информираат од Министерството за европски рашања согласно владината одлука, било официјално конституирано телото и утврден неговиот состав. Во рамките на дискусијата, министрите од надлежните институции разгледаа важни информации и стратегии за натамошна имплементација на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан.
Фокусот на дискусијата бил насочен кон проценката на имплементацијата на преземените реформски мерки, статусот на поднесените барања за ослободување на средства и динамиката на нивната реализација во предвидените рокови. Дополнително, беа разгледани и регионалните иницијативи предвидени со Планот за раст, меѓу кои интеграцијата во европскиот дигитален пазар преку иницијативата „Роаминг како дома“ и воспоставувањето зелени ленти, како дел од пошироките заложби за економска интеграција на регионот во единствениот пазар на Европската Унија.
Со операционализацијата на Националното координативно тело за Инструментот за реформи и раст се обезбедува институционална рамка за систематско следење на реформите, унапредување на меѓуресорската соработка и навремена имплементација на обврските, што претставува суштински чекор во унапредувањето на европската интеграција на Северна Македонија и во користењето на финансиската и техничката поддршка на Европската Унија. свс/са/
Фото: Министерство за европски прашања