Правдата нема да биде бавна и недостапна со Софтверот за дигитално поврзување на Управниот суд со јавните органи и Вишиот управен суд
- Современото судство не се мери само по квалитетот на одлуките, туку и по квалитетот на системот што им овозможува тие одлуки да бидат донесени навреме. Со софтверот за дигитално поврзување ќе се овозможи пребарлива база на судски одлуки и ефикасен систем на е-достава на документи во управно-судската постапка. Овој систем е практична потврда дека инвестицијата во судството не значи трошок туку вредност мерлива во време, правна сигурост и доверба. Ова беше посочено на промоцијата на „Софтверот за дигитално поврзување на Управниот суд со јавните органи и Вишиот управен суд“, што се одржа денеска во Управниот суд.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Современото судство не се мери само по квалитетот на одлуките, туку и по квалитетот на системот што им овозможува тие одлуки да бидат донесени навреме. Со софтверот за дигитално поврзување ќе се овозможи пребарлива база на судски одлуки и ефикасен систем на е-достава на документи во управно-судската постапка. Овој систем е практична потврда дека инвестицијата во судството не значи трошок туку вредност мерлива во време, правна сигурост и доверба. Ова беше посочено на промоцијата на „Софтверот за дигитално поврзување на Управниот суд со јавните органи и Вишиот управен суд“, што се одржа денеска во Управниот суд.
Претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини посочи дека дигитализацијата е и инструмент за поедноставување на постапките, зајакнување на правната сигурност, навремена и непречена двонасочна меѓуинституционална размена на податоци, зголемена транспарентност и доверба кај јавноста и рационално користење на буџетските средства.
-Софтверот за дигитално поврзување претставува важен дел од спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028 и со него ќе се овозможи пребарлива база на судски одлуки, ефикасен систем на е-достава на документи во управно-судската постапка и целосно електронско судско досие, рече Сејдини.

Според него, со ова ќе се овозможи и поголема продуктивност на човечките ресурси и значителни финансиски заштеди уште во првата година од примената.
Тој нагласи дека дигитализацијата не е цел сама по себе, туку средство и начин да се зајакне довербата, транспарентноста и ефикасноста на судството.
-Убеден сум дека со заедничка работа ќе го реализираме и следниот важен чекор во правосудството, целосно дигитално поврзување на основните судови на ниво на апелациони подрачја, поврзани со највисоката судска инстанца, Врховниот суд на Северна Македонија, истакна Сејдини.
Сејдини нагласи дека овој софтвер е безбеден, опфаќа двостепена автентификација, односно можностите за негова злоупотреба се ограничени.
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски рече дека од перспектива на Судскиот совет овој проект има тројно значење – прво, тој е практична потврда дека инвестицијата во судството не значи трошок туку вредност мерлива во време, правна сигурост и доверба.
-Со дигиталната интеграција ја скратуваме постапката, ги намалуваме трошоците и го минимизираме човечкиот фактор таму каде што тој не треба да биде пречка, туку поддршка. Второ, овој проект јасно покажува дека судската независност и модернизацијата одат заедно, ефикасно судство не значи компромис со независноста, напротив тоа значи зајкакната позиција на судијата со алатки што овозможуваат донесување одлуки врз основа на целосни, навремени и точни информации, нагласи Камбовски.

И трето, и според него најважно, е тоа што ова е пример како треба да изгледа една зрела меѓуинституционална соработка без одлагања со јасна цел и преземена одговорност на Управниот суд, Вишиот управен суд, јавните органи, Судскиот буџетски совет кои покажаа дека институциите можат да функционираат како еден систем кога фокусот претставува јавниот интерес.
-Како претседател на Судскиот совет сакам јасно да порачам дека ова не е изолиоран проект - ова е модел, модел кој треба да се прошири, продлабочи и системски да се вгради во сите сегменти на судството. Нашата визија е јасна – фиункционално, поврзано судство по вертикала и по хоризонтала со единствени стандарди, интероперабилност и целосна електронска трага на постапките, рече Камбовски.
Тој истакна дека во таа смисла, Судскиот совет ќе продолжи активно да ја поддржува дигитализацијата преку буџетско планирање, нормативни решенија и стратешки проекти, како и преку јасно инсистирање на одговорност и резултати.
-Денес имаме таква промена пред нас, промена која на граѓаните им испраќа порака дека правдата не е далечна, дека правдата не е бавна или недостапна, туку организирана, предвидлива и технолошки подготвена да одговори на нивните потреби. Современото судство не се мери само по квалитетот на одлуките, туку и по квалитетот на системот што им овозможува тие одлуки да бидат донесени навреме. Денес направивме уште еден важен чекор во таа насока, заклучи Камбовски.
Системот чини околу 50.000 евра односно 3.270.000 денари, а носител на набавката е „Едусофт“ ДОО Скопје. нд/вј/
Фото: МИА