• e shtunë, 27 korrik 2024

Почна изградбата на влезот на Битола, за следната година најавено општината да добие 14 милиони евра за проекти

Почна изградбата на влезот на Битола, за следната година најавено општината да добие 14 милиони евра за проекти

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Постевен е камен темелникот на изградба на влезот во Општина Битола. Станува збор за проект вреден над 100 милиони денари, кој се реализира во должина од 1.332 метри. Проектот вклучува реконструкција со доградба на коловоз на дел од улица „8 Септември“ во Битола, од бензинска пумпа „Лукоил“ до граница на ГУП на Општината.

Премиерот Христијан Мицкоски кој денеска изврши увид на почетокот на изградбата, посочи дека очекува брзо да се заврши овој влез и најави дека и на многу локации низ Битола се работат градежни зафати и други проекти.

-За мене Битола има посебно значење во делот на реализација на проектите. Администрацијата во Битола полека но сигурно се обидува што е можно повеќе проекти да реализира, рече Мицкоски.

Тој информираше дека откако ќе помине ребалансот и ќе биде објавен јавниот повик очекува Општина Битола да конкурира со нови проекти, но рече дека ќе има дополнителни проекти и со усвојувањето на буџетот за следната година.

-За следната година ќе бидат инвестирани околу 14 до 15 милиони евра за проекти во Битола, надвор од буџетот којшто го има самата општина. Така што мислам дека ќе имаме навистина еден комплетен нов изглед на Битола и тоа ќе не направи прилично горди, додаде Мицкоски.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој денеска исто така присуствуваше на почетокот на изградбата, посочи дека Битола со години наназад е вистинско градилиште.

Тој најави дека заедно со премиерот денеска ќе посетат неколку локации, поточно ќе извршат увид на градежни активности при изградба на Противпожарната зграда - проект кој што беше најавен дека ќе започне со реализација во јануари. Исто така, ќе присуствуваат и на пуштање во употреба на спортски игралишта во OУ „Елпида Караманди“.

-Во моментов се работи на 16 локации во градот, дел од инфраструктура, дел објекти кои се реконструираат. Така ќе продолжиме и понатаму, рече Коњановски.

На новинарско прашање како се одвива и кога ќе заврши експропријацијата, Коњановски одговори дека веќе сите правни постапки и регулативи се завршени или се речиси завршени и граѓаните ќе имаат современо булеварско решение.

-Разговарано е во неколку наврати со граѓаните кои живеат тука, тие впрочем и знаеле дека ова булеварско решение мора да се реализира. Изведувачот е „Гранит“ со својот конзорциум кој го работи. Се надевам дека ќе имаме задоволителна динамика и брзина. Знаете и јавните и приватните претпријатија се соочуваат со недостиг на работна сила, особено во делот на професионалниот и стручен кадар. Јас се надевам дека овие недостатоци ќе се надминуваат и со динамиката која е предвидена со проектот задоволително ќе добиеме ново булеварско решение. Да напоменам, се работи за комплетна инфраструктура и водоводна и канализациска мрежа, тука врви двоен цевковод во делот на водата, едниот е транзитен, а другиот е фактички. Се’ се менува и ќе имаме современо булеварско решение, рече Коњановски.

На прашање кога ќе заврши изградбата, Коњановски рече дека не знаат, но ќе го почитуваат договорот.

На новинарско прашање до Коњановски, со што аплицирале или ќе аплицирате за финансиската помош од Владата за општината, градоначалникот на Битола рече дека се најавени 60-ина проекти. Триесет проекти имаат во делот на инфраструктура со кои ќе аплицираат, а поголемиот проект е Спортскиот комплекс и Боксерскиот клуб.

Мицкоски најави дека приоритет ќе стават на новата спортска сала која што очекува следната година да почне да се гради.

На прашање кога ќе биде ставена во функција Железничката пруга Грција – Битола – Лерин, Мицкоски рече дека и ова ќе се реши, но работите најпрвин треба да се решаваат една по една.

-Многу експонати и споменици ни оставија. Дозволете сите еден по еден да ги решаваме. И оваа секција ќе биде решена. За жал, многу експонати, многу лоповлук, многу криминал ни оставија. Работите ги решаваме паралелно, рече Мицкоски. бт/дма/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

 

 

QËNDRONI TË LIDHUR