Почна доизградбата на затворениот базен во Штип
- Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска извршија увид во градежните работи на затворениот базен, кои почнаа по неколку години застој на овој објект и со нов економски оператор.
Штип, 30 јануари 2025 (МИА) – Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска извршија увид во градежните работи на затворениот базен, кои почнаа по неколку години застој на овој објект и со нов економски оператор.
Министерот за спорт Ристовски вели дека ги прават сите напори за да се заврши изградбата на затворените базени во земјава.
-Задоволството е големо, затоа што крајни корисници ќе бидат дечињата, пливачките школи, граѓаните на Општина Штип. Во координации сме со економскиот оператор за овој базен да биде завршен до крајот на следните два месеци и до почетокот на пливачката сезона да биде пуштен во употреба за сите дечиња од школите, но и за сите рекреативци и од пливачките школи кои имаат бенефит од сето ова на крајот, вели Ристовски.
Тој истакна дека сите овие проекти кои беа заостанати ќе бидат завршени. Досега од 14 затворени базени во државата е завршен само еден во Општина Тетово. Економски оператор со кој е постигнат договор до крајот на летото треба да заврши пет базени, меѓу кои и во Штип.
-Со останатите економски оператори, коишто ги имаат добиено другите базени ќе разговараме, еднаш веќе имавме состанок, а во наредниот период ќе имаме уште еден состанок за да ги „испегламе“ сите оние недостатоци, коишто ги има од проектирање до застој финансиски, на луѓето не им било плаќано, до реализација, има многу работи коишто треба да се решат, вели Ристовски.
Градоначалникот на Општина штип Јорданов изрази благодарност до министерот којшто се заложил да ја откочи изградбата на затворените базени во земјава.
-Еве веќе денес, овде се сите чинители, кои верувам дека во наредните месеци ќе успеат да ја довршат изградбата на овој базен и тој да биде ставен во употреба за граѓаните на Општина Штип, вели Јорданов.
Димензиите на овој базен ќе бидат 25 метри должина, со девет метри ширина. Неговата изградба почна во февруари 2020 година, а денеска по застој од неколку години продолжува и неговата доизградба. вдј/мд/
Фото: МИА