• e martë, 17 shkurt 2026

Поставена првата мерна станица за квалитет на воздухот во Дебар

Поставена првата мерна станица за квалитет на воздухот во Дебар

Дебар, 16 февруари 2026 (МИА) - За првпат во Дебар почна мониторингот на квалитетот на воздухот, откако благодарение на Општината и Здружението „Регионален центар за одржлив развој и иновации RESET HUB Дебар“, во центарот на градот е инсталиран уред за мерење на квалитетот на воздухот.

Проектот е реализиран со средства обезбедени од Општина Дебар, во рамки на повикот за финансирање на невладини организации и спортски клубови за 2025 година, кога Центарот доби грант за оваа цел. Првата мерна станица е инсталирана на улицата „Елена Ѓика“, на плоштадот „Скендербег“, и е целосно оперативна со можност за онлајн следење.

Од Регионален центар за одржлив развој и иновации RESET HUB Дебар оценуваат дека ова е многу значаен момент за жителите на Дебар, бидејќи е директно поврзан со зачувувањето на животната средина и подобрувањето на квалитетот на животот. 

-Втората мерна станица ќе биде инсталирана во наредните денови на периферијата на градот, на улицата „Јусуф Гервала“, што ќе ни овозможи да имаме споредбени податоци помеѓу централните и периферните области. Како организација, успеавме да обезбедиме доволно финансиски средства само за два уреди за следење на квалитетот на воздухот. Целта на овој проект е да се обезбедат точни и континуирани податоци за квалитетот на воздухот во нашиот град, така што граѓаните ќе бидат информирани во реално време и ќе се создаде сигурна основа за анализа и јавна свест, посочуваат од Центарот.

Во моментов се мерат следните параметри: PM₂.₅, PM₁, PM₁₀, PM₀.₃ (број на ултрафини честички), CO₂ (јаглерод диоксид), TVOC (вкупни испарливи органски соединенија), NOx (азотни оксиди), температура и релативна влажност.

-Значењето на мониторингот е транспарентност, реални податоци во реално време,  поддршка за носење информирани одлуки, подигнување на јавната свест, заштита на јавното здравје. Не можеме да управуваме со нешто што не го мериме. Ова е конкретен чекор кон поздрава и поинформирана заедница во Дебар, нагласуваат од „Регионален Центар за одржлив развој и иновација РЕСЕТ ХАБ Дебар“. вт/дма/

Фото: Регионален центар за одржлив развој и иновација РЕСЕТ ХАБ - Дебар

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR