• e premte, 22 nëntor 2024

Платформа за родова еднаквост: Неопходни се системски реформи и построги казни за злосторства против девојчиња и жени

Платформа за родова еднаквост: Неопходни се системски реформи и построги казни за злосторства против девојчиња и жени

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Пресудата која Основниот Кривичен Суд во Скопје ја донесе против 13 лица за трговија со дете, полов напад и силување, и производство и дистрибуција на детска порнографија е огромно разочарување и несоодветно ја рефлектира тежината на извршените дела, смета Платформа за родова еднаквост.

Овие дела, сметаат, не се само сериозно нарушување на правата на жртвата, туку и директен напад врз основите на родовата еднаквост и заштита на децата.

-Изречените затворски казни под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела од организиран криминал, ја минимизираат правата тежина на овие дела и со тоа ја амнестираат кривичната одговорност на сторителите. Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување на исти или слични дела може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство. Тривијализирањето на страдањето на жртвите и во јавноста праќа вознемирувачка порака за тоа како нашето општество ја вреднува безбедноста и добросостојбата на девојчињата и жените, велат од Платформата за родова еднаквост.

Дополнително, сметаат, судот, иако имал обврска да одлучи за барањето за надомест на штета од страна на жртвата, истото го одбил, а жртвата ја упатил своето право да го остварува во граѓанска постапка. Секое дополнително одлагање на правдата, велат, претставува виктимизација за жртвата и го оневозможува нејзиното опоравување и реинтеграција.

-Уште позагрижувачки е наративот на одбраната кој индиректно ја обвини малолетната жртва, - па наместо фокусот да се кривичните дела на вршителите, карактерот и минатото на жртвата беа истакнати како причини кои го оправдуваат нарушувањето на телесниот интегритет, безбедност и благосостојба. Ваквиот дискурс во јавноста само ги зајакнува опасните стереотипи, ја одржува системската дискриминација и може да ги обесхрабри другите жртви на насилство да бараат правда. Карактерот на жртвата не е составен дел на обележјето на кривичните дела и не може да биде аргумент за одбрана на сторителите на трговија со дете и силување. Нејзиното минато и личните околности не смеат да се користат за оправдување или намалување на злосторствата извршени против неа. Со ова се одвлекува фокусот дека злосторството започнува со заведување малолетно лице и дека наштетувањето на честа и угледот на малолетното девојче е направено токму од страна на злосторниците преку уцена и присилување, до полов напад, силување и трговија со дете, се вели во денешното соопштение од Платформата за родова еднаквост.

Од друга страна, нагласуваат, не може да се занемари отсуството на било каква јавна реакција на Јавното обвинителство за организиран криминал по однос на вака утврдени санкции за овие сериозни дела и погоре споменатите изјави на судот и одбраната. Дополнително, очекуваат Адвокатската комора, но и другите професионални здруженија и тела од правосудниот систем како Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да го следат овој случај и да постапат согласно законските одредби и Етичките кодекси.

-Затоа, бараме одговорност за правните професионалци кои прибегнуваат кон неетичко обвинување на жртви, бидејќи тоа ги поткопува принципите на правда и еднаквост. Нашата платформа уште еднаш ја повторува посветеноста во залагањето за правата и достоинството на сите жртви на родово-базирано насилство. Платформата за родова еднаквост го повикува второстепениот суд при разгледувањето на случајот да ја има предвид родовата перспектива, распространетоста на овие кривични дела и последиците врз жртвата, но и врз сите засрамени и замолчени жртви кои не се охрабриле да преземат дејствие. Второстепениот суд има можност да донесе правда со изрекување на соодветни и пропорционални казни кои ќе имаат за цел да ги одвратат и другите потенцијални сторители на вакви злосторства и да досуди правичен надоместок за жртвата, велат од Платформата. 

Според нив, овој случај ја нагласува итната потреба од системски реформи, вклучително и построги казни за злосторства против девојчиња и жени.

-Остануваме вложени во напорите и притисокот да се отстранат мизогините наративи од правните постапки, а ја поттикнуваме јавноста будно да ја следи работата на институциите и да бара правда. А правдата мора да биде брза, фер и недвосмислена во осудата на оние кои нанесуваат штета на најранливите. Платформата за родова еднаквост го повикува второстепениот суд при разгледувањето на случајот да ја има предвид родовата перспектива, распространетоста на овие кривични дела и последиците врз жртвата, но и врз сите засрамени и замолчени жртви кои не се охрабриле да преземат дејствие. Второстепениот суд има можност да донесе правда со изрекување на соодветни и пропорционални казни кои ќе имаат за цел да ги одвратат и другите потенцијални сторители на вакви злосторства и да досуди правичен надоместок за жртвата, се вели во реакцијата.

Во неа се додава дека овој случај ја нагласува итната потреба од системски реформи, вклучително и построги  казни за злосторства против девојчиња и жени.

-Остануваме вложени во напорите и притисокот да се отстранат мизогините наративи од правните постапки, а ја поттикнуваме јавноста будно да ја следи работата на институциите и да бара правда. А правдата мора да биде брза, фер и недвосмислена во осудата на оние кои нанесуваат штета на најранливите, велат од Платформата за родова еднаквост. сст/са/ 

Фото: МИА архива

 

QËNDRONI TË LIDHUR