Охрид ќе добие 3,5 милиони денари за проект за затворање на нестандардната депонија „Буково“
- Станува збор за средства обезбедени преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, што се реализира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со финансиска поддршка на Амбасадата на Шведска, Бирото за регионален развој и во партнерство со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Охрид, 14 март 2025 (МИА) – Општина Охрид ќе добие 3.418.650 денари, средства наменети за изработка на техничка документација за депонијата „Буково“.
Станува збор за средства обезбедени преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, што се реализира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со финансиска поддршка на Амбасадата на Шведска, Бирото за регионален развој и во партнерство со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.
Како што појаснуваат од Општина Охрид, средствата ќе бидат наменети за изработка на урбанистички и основен проект за затворање, рехабилитација и понатамошна грижа за некласифицираната и нестандардна депонија „Буково“.
Со оваа поддршка се подобруваат општинските капацитети за имплементација на инфраструктурни проекти во насока на интегрирано планирање на локалниот развој и заштита на животната средина. аб/са/
Фото: Општина Охрид