• e premte, 22 nëntor 2024

Османи: Албанскиот јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор

Османи: Албанскиот јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор. Ова го подвлече Бујар Османи, потпретседател на Демократската унија за интеграција, кој е еден од учесниците на дебатата „Службен албански јазик - столб на Охридскиот договор“.

Настанот е по повод 22 ноември, Денот на албанската азбука, во организација на Аналитички истражувачки центар на Демократската унија за интеграција „Абдилаќим Адеми“. 

- Денешниот настан е значаен, како прво, бидејќи се случува на важна годишнина, Денот на албанската азбука. Меѓутоа, сметаме дека овој важен ден не треба да се посвети само од историски контекст, туку и од аспект на предизвиците што денеска ги има албанскиот јазик. А, посебно поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор, рече Османи. 

Османи оцени дека Рамковниот договор е најуспешниот мировен договор на Западен Балкан. 

- Тој е столбот на кохезијата, меѓуетничката хармонија во Република Северна Македонија и сакаме оттука од еден мултиетнички панел, едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор, додаде Османи.

Како што е најавено, дебатата ќе се фокусира на тековните предизвици и закани со кои се соочува Охридскиот мировен договор, неговото значење за стабилноста и развојот на нашата држава, како и идните чекори за негово зачувување и унапредување.

Освен Османи, на панелот говорат и Никица Корубин, поранешна пратеничка и политички аналитичар, Агим Нухиу, универзитетски професор, како и Ивон Величковски, политички лидер на Движењето за Нова Република.

Според организаторот, станува збор за клучна тема за општеството во Северна Македонија. бд/ац/

Фото: МИА

 

QËNDRONI TË LIDHUR