• e martë, 17 dhjetor 2024

Општина Битола поставува фотоволтаици на основни училишта во градот

Општина Битола поставува фотоволтаици на основни училишта во градот

Битола, 16 декември 2024 (МИА) - Општина Битола во соработка со Фондацијата „Отворено општество” – Македонија, успешно ја заврши имплементацијата на проектот „Сончеви училишта”, со кој се инсталирани фотоволтаични соларни централи на шест основни училишта во градот.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски денеска на прес - конференција информираше дека од денеска електрична енергија ќе произведуваат училиштата „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во село Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во село Бистрица, со што директно ќе придонесат за заштеда на финансиски средства и заштита на животната средина. 

-Согласно договорената динамика, проектот е веќе реализиран, со што наскоро училиштата ќе можат да ги почувствуваат бенефитите од нивното поставување. Електричната енергија што ќе ја произведуваат овие централи ќе даде бенефит и за училиштата и за општината, а вкупната потрошувачка на струјата и резултатите ќе бидат крајно видливи преку сметките за електрична енергија. Она што училиштата во соодветната година ќе го заштедат, повторно ќе може да се искористи за реализација на проекти за нивните соодветни потреби, истакна Коњановски.

Финансиската конструкција за инсталирање на соларни фотоволтаични системи  целосно е обезбедена од страна на Фондацијата „Отворено општество” – Македонија, информираа од тамошната локална самоуправа.

-И преку овој проект уште еднаш ја докажавме нашата заложба како локална самоуправа, да делуваме во насока на заштита на животната средина и подобрување на условите во училиштата, бидејќи постигнуваме двоен ефект, односно го намалуваме влијанието од  енергија од фосилни горива со чиста и обновлива енергија, а истовремено имаме заштеди кај сметките за електрична енергија, кои ќе се реинвестираат во подобрување на условите во училиштата, изјави Коњановски.

Тој истакна, како што рече, уште една важна компонента, која доаѓа заедно со проектот, а тоа е дека во секое училиште се поставени тв монитори, на кои што сите ученици, наставници, вработени во училиштата, но и родителите, ќе можат да го следат производството на енергегија во моментот.

Паралелно со проектот, за времена образовниот процес, нагласи тој, учениците ќе можат да се стекнат со знаења, вештини но и сопствени мислења, за заштита на животната средина и иднината на зелената економија. мт/цр

Фото: МИА

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR