• e martë, 16 dhjetor 2025

Одбележани 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата книга на Раде Силјан

Одбележани 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата книга на Раде Силјан

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска беа одбележани 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните македонски автори, поет, антологичар, есеист, критичар и книжевен истражувач и преведувач Раде Силјан.

Централниот настан по повод двата јубилеја, насловен по песна на Силјан, „Огледало на вековите“, е во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура.

Силјан пред почетокот на настанот изјави дека секогаш јубилеите и прославите значат нешто многу за авторот и додаде дека тоа за него е големо задоволство.  - Голема е честа што моите два значајни датуми - 75 години од раѓањето и 50 години од појавата на мојата прва стихозбирка „Третиот лик на времето“ што се одбележуваат на мојот матичен факултет, во Филолошкиот, при Катедрата за македонска книжевност и култура. Особено честа е голема што сите позначајни професори кои предаваат македонска литература и кои се занимаваат со литературна критика, тие ќе говорат за моето творештво, нагласи Силјан.

Тој најави дека има нова поетска книга, која е веќе е завршена и треба да се објави во првите месеци од 2026 година во издание на Издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје.

- Природно е како писател да кажам дека навистина и младите и старите треба да читаат македонска литература и да се дружат со македонските писатели и маједонската книга, потенцира Силјан.

Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ проф. д-р Владимир Мартиновски изрази задоволство што во годината кога го одбележуваме осумдеценискиот јубилеј од стандадизацијата на македонскиот јазик, имаме можност да ги одбележиме двата значајни јубилеи на Раде Силјан. 

- Раде Силјан е истакнат македонски поет, есист, крититчар, преведувач, антологичар, уредник, кој со својот опус како автор во сите овие наведени сфери има дадено и оставено траен печат во развојот на македонската книжевност, но и култура во пошироката смисла на зборот. Затоа се радуваме што особено актуелните студенти од Катедрата за македонска книжевност и култура на еден свој оригинален начин даваат денес свој придонес и преку разговор и преку специјално приготвено видео, кое треба да биде изненадување, како тие денеска го читаат неговото творештво. Ако се има предвид дека Раде Силјан има дипломирано на Филолошкиот факултет, за нас денешниот настан е еден убав празник, рече Мартиновски.  

Раководителот на Катедрата за македонска книжевност и култура проф. д-р Трајче Стамески информира дека овој настан го организирале спонтано, со разговор со Раде Силјан.

- Раде Силјан е клучна фигура во македонското издаваштво, пред се во македонската поезија. Неговото дело се проучува на студиските програми по предметите за Современа македонска поезија, кои со новата акредитација и новите студиски програми е предвидено да да се изучува во два семестра. Студентите имаат можност да се запознаат со делото на Раде Силјан преку редовната настава, но и преку изработка на семинарски работи, дипломски трудови, а понатаму се надевам дека ќе имаме и магистерски трудови, посочи Стамески.

Силјан е водечко име во современата македонска поезија, автор на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија во Македонија: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ и на државната награда „Свети Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата.

Дваесет и шест негови книги се објавени и преведени на повеќе странски јазици. Застапен е во сите антологии на современата македонска поезија. Основач е на првата издавачка куќа формирана во самостојна Македонија, „Матица македонска“. мд/са/

Фото: МИА 

QËNDRONI TË LIDHUR