Новата градинка „Рилиндја“ во Тетово официјално отворена, има капацитет да згрижи 165 деца
- Во Тетово денека со свеченост се означи официјално почнување со работа на новата детска градинка „Рилиндја" при Јавната установа за згрижување на деца „Младост“. Црвена лента пресекоа министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами и директорката Фатлинда Јаја, а потоа следуваше приредба и пригодни говори.
Тетово, 22 јануари 2025 (МИА) - Во Тетово денека со свеченост се означи официјално почнување со работа на новата детска градинка „Рилиндја" при Јавната установа за згрижување на деца „Младост“. Црвена лента пресекоа министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами и директорката Фатлинда Јаја, а потоа следуваше приредба и пригодни говори.
Новата детска градинка „Рилиндја" има капацитет да згрижува 165 деца од предучилишна возраст.
-Секое дете заслужува да расте и се развива во средина која ќе биде здрава и поттикнувачка за него, да може да го развива својот потенцијал. Затоа особено се внимава објектите да бидат градени согласно сите стандарди и најсовремени услови како предуслов за квалитетно предучилишно воспитание и образование, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани
Тој изрази благодарност до Делегацијата на ЕУ во земјата за поддршката на Општина Тетово за заложбите за унапредување на детската заштита и одличната соработка, но и на Јавната установа „Младост", за професионалноста во работењето и напорите за беспрекорна грижа за најмладите.
Амбасадорот Рокас порача дека Европската унија е горда што ги поддржува проектите за образование и социјална политика во земјата.
-Инвестицијата во градинката во Тетово го симболизира приоритетот што сите им го даваме на новите генерации. Тие што ќе ја обликуваат иднината на Северна Македонија и на ЕУ. Заедно, сите ние се стремиме кон образовни и социјални политики кои ќе ги зајакнат Европејците со потребното знаење и вештини со соодветни услуги за социјална поддршка. Сè започнува од градинките, рече Рокас.
Градоначалникот Касами го истакна значењето на отворањето на градинката за граѓаните од оваа општина. Тој им честиташе на вработените за вработувањата посочувајќи ја нивната одговорност за воспитно-образовниот процес на децата.
-Иако не сте нивни биолошки родители, може да бидете добра замена за нив. Вие имате одговорност да изградите и едуцирате одговорни индивидуи и поединци кои ќе придонесат за општеството затоа што нивните родители ја презеле одговорноста да работат, да плаќаат даноци и со тие даноци да се обезбедат и вашите плати, рече Биљал Касами.
Изградбата е финансирана преку Годишната акциска програма „Поддршка на ЕУ за образование, вработување и социјална политика" за 2017 година со вкупен буџет од околу 805.000 евра, од кои Европската Унија финансира околу 705.000 евра и кофинансира државата од националниот буџет од околу 100.000 евра.ас/са/
Фото: МТСП