„Неуралинк“ ќе спроведува клинички тестови со чип и вон САД
- Инаку, првиот човек - пациент доби чип претходно оваа година. Кај него се јавија проблеми, бидејќи нишките на чипот се извлекуваа од мозокот, но се чини, во мигов и тоа оди добро.
Торонто, 22 ноември 2024 (МИА) - Компанијата „Неуралинк“ (Neuralink) од САД доби дозвола од властите во Канада да почне со испитувања на луѓе во земјата. Болницата „Вестерн хоспитал“ во Торонто е „првата и ексклузивна локација“ за хируршката процедура со чип. Компанијата сега бара потенцијални учесници во испитувањата.
Според планот, „Неуралинк“ ќе го вгради својот чип „во човечки мозок за да ја проучи активноста на нервите“. Чипот ќе им овозможи на луѓето да контролираат компјутер или паметен телефон со својот мозок без употреба на жици или свои физички движења. „Неуралинк“ вели и дека истражувањето има за цел да ја „процени безбедноста на имплантот и хируршкиот робот“, како и почетната функционалност на мозочно-компјутерскиот интерфејс за да им овозможи на луѓето со параплегија да ги контролираат надворешните уреди со своите мисли.
Ова, според наводите, може да помогне во изнаоѓање побезбедни начини за вградување мозочни чипови, како и во унапредување на технологијата и нејзините способности.
Инаку, во САД, првиот човек - пациент доби чип претходно оваа година. Кај него се јавија проблеми, бидејќи нишките на чипот се извлекуваа од мозокот, но се чини, во мигов и тоа оди добро. Во случајот со вториот пациент, компанијата презеде мерки за да се спречи вакво „откачување“ на чипот. Овој пациент веќе користи софтвер за „Дизајн со помош на компјутер“ (КАД) и почна да го прави тоа само неколку седмици по операцијата во јули.
„Неуралинк“ бара и други пациенти со ограничена или целосна загуба на користењето на двете раце поради повреда на 'рбетниот мозок или амиотрофична латерална склероза (АЛС) за своето истражување во Канада. си/ссм/
Фото: МИА архива