• e premte, 27 dhjetor 2024

НБ: Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен, донесена е одлука за унапредување на регулативата за идентификување системски значајни банки

НБ: Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен, донесена е одлука за унапредување на регулативата за идентификување системски значајни банки

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Северна Македонија во третиот квартал од 2024 година. Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен, а донесена е одлука за унапредување на регулативата за идентификување системски значајни банки, соопштија од Народната банка.

Советот, како што е наведено во соопштението, донел нова Одлука за методологијата за идентификување системски значајни банки со која се унапредува постојната методологија врз основа на која Народната банкa ги идентификува системски значајните банки во земјава и за нив го утврдува заштитниот слој на капиталот.

-Ова претставува макропрудентен инструмент за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем преку јакнење на солвентноста и стабилноста на системски значајните банки на неочекувани шокови или загуби коишто можат да настанат во текот на нивното работење. Измените на одлуката за системски значајни банки се прави и заради натамошно приближување кон Насоките од Европскиот банкарски орган (ЕБА) за идентификување на домашните системски значајни банки, велат од Народна банка.

Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во текот на третиот квартал, како што се наведува во соопштението, показателите за изложеноста на ризиците на банкарскиот сектор и натаму се стабилни, а стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет за справување со шокови.

-Стапката на адекватност на капиталот се задржа на нивото од 19 отсто, коешто е највисоко во последните седумнаесет години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3 отсто. Во третиот квартал од годината банките работеа во услови на позначително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но ризиците од окружувањето сѐ уште постојат и е потребно нивно натамошно внимателно следење и претпазливост во водењето на политиките заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во следниот период, истакнуваат во соопштението од Народната банка. 

Оттаму посочуваат дека растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи одржување на кредитниот раст, но и зголемување на ликвидните средства на банките. Притоа, забрза годишниот раст на депозитите искачувајќи се до нивото од 7,9 отсто, во кој преовладува долгорочното штедење, како и денарските депозити, поттикнато и од мерките на Народната банка за поддршка на денаризацијата и штедењето на подолг рок. Се забележува забрзување на годишниот раст кај кредитирањето до 7,5 отсто, додека резултатите од Анкетата за кредитната активност во третиот квартал од 2024 година укажуваат на натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови и нето-зголемување на кредитната побарувачка, и кај двата сектора − претпријатијата и домаќинствата. 

Советот усвоил и измени на регулативата за сметководство и финансиско известување за банките и штедилниците заради спроведување на барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување („МСФИ“) 16 „Наеми“ и усогласување со важечките МСФИ, објавени од Одборот за меѓународни сметководствени стандарди.

-Советот на Народната банка разгледа и повеќе други прашања поврзани со работењето и сегашните активности на централната банка, а ги донесе и Финансискиот план и Планот за инвестициите на Народната банка, се наведува во соопштението. дма/цр

Фото: Народна банка

QËNDRONI TË LIDHUR