• e premte, 05 dhjetor 2025

Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите на пленарна седница

Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите на пленарна седница

Скопје, 5 декември 2025 (МИА) - Во Собранието денеска треба да се одржи 74. пленарна седница на која на дневен ред  е Предлог на одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, во второ читање. 

Како што се наведува во Предлог одлуката објавена на веб страната на Собранието, целта на предложената Одлука е соодветна реалокација на средствата помеѓу буџетските корисници со цел финансирање на приоритетните потреби на буџетските корисници во функција на подобрена реализација на Буџетот за 2025 година.

- Се врши прераспределба на средства во рамки на одобрениот буџет на Министерство за одбрана. Притоа се обезбедуваат дополнителни средства за трансфери кон ПИОМ по основ на транзициски трошоци поврзани со законски обврски поврзани со исплатата на пензиите, за трансфери кон ФЗОМ по основ на обврски за придонеси за задолжително здравствено осигурување на лица кои немаат по ниту еден основ здравствено осигурување и за исплата на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, за поврат на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во заштитните друштва, за исплата на социјални надоместоци, навремено извршување на трансфер на средства кон Јавното претпријатие за државни патишта за исплата на времена ситуација согласно склучен договор и Закон за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридор 10д (Делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија (Сл. Весник на РСМ 163/2021, 111/2023 и 255/2024), за целосна исплата по склучен договор за изработка на подготвителна техничка документација за Проектот за изградба на брза железница долг Коридор 10, за нормално функционирање на целокупниот железнички систем во државата, за изработка на урбанистички планови, за контрибуција кон Меѓународната поморска организација (IMO), се наведува во текстот. 

Истовремено, се потенцира натаму, се обезбедуваат средства за покривање на трошоци во арбитражни постапки, трошоци за лиценци, обврски по склучени договори поради порамнување на цени што произлегуваат од минималната плата, трошоци за реконструкција на поранешен објект на Комерцијална банка и слично. 

Предлог на одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, во второ читање, претходно е на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет и на Законодавно-правната комисија. ев/нд

ФОТО: Архива 

 

QËNDRONI TË LIDHUR