Над 16.000 домови без струја поради пожарот во Лондон, затворен аеродромот Хитроу
- Повеќе од 16.300 домови останаа без струја поради голем прекин на електричната енергија, објави на X добавувачот на енергија „Scottish and Southern Electricity Networks“.
- Post By Јасмина Тасевска
- 07:08, 21 mars, 2025

Лондон, 21 март 2025 (МИА) – Повеќе од 16.300 домови останаа без струја поради голем прекин на електричната енергија, објави на X добавувачот на енергија „Scottish and Southern Electricity Networks“.
Компанијата ги повика сите кои зависат од електрична енергија за медицински потреби и имаат потреба од помош да се јават.
Лондонскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе биде затворен денеска до полноќ по прекинот на струја предизвикан од пожар во блиската електрична трафостаница што го снабдува аеродромот.
- За да ја одржиме безбедноста на нашите патници и колеги, Хитроу ќе биде затворен до 23:59 часот на 21 март, соопшти аеродромот Хитроу на X, додавајќи дека на патниците им се препорачува да не доаѓаат на аеродромот.
Нема официјални податоци за тоа колку летови до и од Хитроу ќе бидат откажани, но службата за следење летови FlightRadar24 проценува дека може да има најмалку 1.351.
- Овој број не ги вклучува летовите што може да бидат откажани или одложени поради тоа што авионите не се на нивните предвидени локации, додаваат од службата.
Најмалку 120 летови се веќе на пат кон Хитроу и ќе мора да бидат пренасочени.
Хитроу е најголемиот аеродром во Велика Британија, со околу 1.300 слетувања и полетувања дневно. Низ неговите терминали минатата година поминале рекордни 83,9 милиони патници.
Во меѓувреме, лондонскиот аеродром Гетвик потврди дека нуди поддршка со „прифаќање пренасочени летови како што се бара“.
- Летовите од Лондон Гетвик денеска се одвиваат нормално, додаде аеродромот. јт/