• e martë, 04 mars 2025

Морган Фримен му оддаде почит на починатиот Џин Хекман, а внимание повторно привлече ортопедската ракавица на говорникот

Морган Фримен му оддаде почит на починатиот Џин Хекман, а внимание повторно привлече ортопедската ракавица на говорникот

Лос Анџелес, 4 март 2025 (МИА) - Американскиот глумец Морган Фримен се појави на сцената на „Оскарите“ за да одржи говор во чест на својот колега и близок пријател Џин Хекман, кој беше пронајден мртов во својот дом на 26 февруари, под сомнителни околности.

- Оваа недела, нашата заедница загуби џин. А, јас изгубив драг пријател - Џин Хекман. Имав задоволство да работам заедно со Џин на два филма: „Непростено“ и „Под сомнеж“. Како и секој што некогаш споделил сцена со него, научив дека е дарежлив изведувач и човек чијашто дарба ја подигна работата кај сите. Џин секогаш велеше: „Не размислувам за наследството. Само се надевам дека луѓето ме помнат како некој што се трудел да направи нешто добро“. Мислам дека зборувам за сите нас кога велам: Џин, ќе останеш запомнет по тоа, и многу повеќе. Почивај во мир, пријателе мој, рече Фримен.

Притоа, „окаровецот“ од „Девојка од милион долари“ го држеше говорот со рацете зад грб, а се забележа и дека носи црна ракавица на левата рака. Причината за тоа е повредата од 2008 година којашто остави трајни последици.

Пред 17 години, тогаш 71-годишниот Фримен бил тешко повреден во сообраќајна несреќа, кога излетал од патот во близина на својот дом во Чарлстон, Мисисипи, САД. Автомобилот притоа се превртел, а глумецот бил извлечен и со хеликоптер однесен в болница во Мемфис. По повеќе скршеници на коските и операција што траела над четири часа, глумецот мора да се справува со трајно оштетување на нервите и постојана болка.

Таа состојба е позната како фибромијалгија, и за неа нема лек.

Затоа, Фримен ја носи таа посебна компресивна ракавица - заради ублажување на болката и отокот. Афроамериканскиот глумец неколкупати говореше за парализата којашто сè уште му предизвикува силна болка низ целата негова рака.  си/ми/

Фото: Јутјуб

QËNDRONI TË LIDHUR