Мицотакис до сточарите: Приоритет е дефинитивното искоренување на сипаниците кај овците и козите
- Сакам да знаете дека сè додека трае оваа состојба, ќе го поддржиме грчкото сточарство, но во овој момент наш приоритет и единствениот план на кој инсистираме е целосното искоренување на сипаниците кај овците и козите, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претставници на сточарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 10 февруари 2026 (МИА) – Сакам да знаете дека сè додека трае оваа состојба, ќе го поддржиме грчкото сточарство, но во овој момент наш приоритет и единствениот план на кој инсистираме е целосното искоренување на сипаниците кај овците и козите, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претставници на сточарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата, како што информираа од кабинетот на Мицотакис е во продолжение на „институционалниот дијалог на Владата со производителите за решавање на прашањата со кои се соочува примарниот сектор, со фокус на планирањето на иднината, со цел да се обезбеди екстровертен развој и конкурентност на грчките производи, како и отпорноста на грчкото производство“.
Мицотакис посочи дека за Владата, но и за него лично, „поддршката на грчкото сточарство и производите е приоритет за кој не се преговара“ и нагласи дека имаат два месеци до Велигден за да може да се постигне целта, односно искоренување на сипаниците кај овците и козите, додавајќи дека според податоците од надлежното Министерство, „случаите се веќе исклучително ниски“
- Потребна ни е и вашата целосна соработка за да ја постигнеме оваа цел, што е национална цел за целокупна заштита на грчкото сточарство со почитување на мерките за биолошка безбедност, строга контрола во однос на нелегалните движења на животни, ефикасно справување со нелегалната вакцинација, што е проблем за кој знаеме дека во моментов, за жал, се случува. Сите заедно ќе ја постигнеме оваа цел. Сакам да нагласам дека од страна на Министерството и Владата не постои друг план, ниту „план Б“ и сметам дека дискусијата за вакцинирањето во овој момент повеќе одвлекува внимание, бидејќи во секој случај, мерките за биолошка безбедност треба строго да се почитуваат, истакна Мицотакис.
За сипаниците кај овците и козите, грчкиот премиер, пред две седмици одржа состанок со надлежните, кога посочи дека е неопходна имплементација на мерките за биолошка безбедност и нагласи дека вакцинацијата не е решение.
Според податоците од Министерството за земјоделство на Грција објавени минатиот месец, од август 2024 година до 18 јануари годинава биле усмртени вкупно 472.928 овци и кози како дел од мерките планирани за борба против сипаниците, а регистрирани биле 2.061 случај на 2.559 фарми во цела Грција. ср/рп/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер