• e premte, 11 korrik 2025
Shqip
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Меџити -  О'Флаерти: ЕУ останува водечки донатор во секторот за животна средина во Северна Македонија

Меџити -  О'Флаерти: ЕУ останува водечки донатор во секторот за животна средина во Северна Македонија

Скопје, 24 април 2025 (МИА) - Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска оствари работна средба со Мајкл О’Флаерти, комесар за човекови права при Советот на Европа, кој престојува во неколкудневна посета на Северна Македонија, на која, како што информираат од неговиот кабинет, ја изразил определбата на Република Северна Македонија да ги интензивира напорите за целосно усогласување на законодавството и државните системи со законите и политиките на Европската Унија во областа на животната средина и климата.

-Овие напори јасно се рефлектираат во секторските стратегии и политики кои вклучуваат силни законодавни мерки, зајакнување на националните капацитети за имплементација на правото на ЕУ, како и значителни инвестиции во инфраструктурата и новите технологии, рече Меџити на средбата, додавајќи дека во процесот на хармонизација со европското законодавство, Северна Македонија може да бара транзициски периоди, особено за Поглавјето 27, како едно од најпредизвикувачките и најскапите за земјите што преговараат со ЕУ, се вели во соопштението од МЖСПП.

Поглавјето 27 е дел од Кластерот 4, кој вклучува области како што се патната инфраструктура, дигитализацијата, обновливите извори на енергија и заштитата на природните ресурси.

Во овој контекст, Меџити изразил благодарност за континуираната поддршка на Европската Унија, која останува главен донатор во секторот за животна средина во Северна Македонија, која вклучува инвестиции во обновливи извори на енергија, како соларни и ветерни паркови, преминот од јаглен, проекти за поврзување на гасниот систем со Косово и Србија, како и проекти за управување со отпад и отпадни води.

Меѓу главните проекти поддржани од ЕУ се затворањето на дивите депонии, изградбата на регионални системи за управување со отпад во пет региони и изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

Најголемите предизвици за Поглавјето 27 за нашата држава остануваат во областа на управувањето со води и отпад. Акцискиот план за имплементација на Директивите за отпадни води и вода за пиење предвидува вкупен трошок од околу 1,2 милијарди евра и рок за имплементација до 2041 година.

Со овие средства, посочуваат од МЖСПП, е предвидена изградба на 87 пречистителни станици, од кои 16 ќе имаат напредно терциерно пречистување, додека за системот за управување со отпад се потребни околу 300 милиони евра. аа/

Фото: МЖСПП

QËNDRONI TË LIDHUR