Мамер: ЕК не го коментира процесот на потврдување на новите еврокомесари, Фон дер Лајен има доверба во Рибера
- Европската комисија не ја коментира постапката и деталите од процесот за одобрување на номинациите на новите еврокомесари во Европскиот парламент, изјави денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер во одговор на прашање околу одлагањето на потврдувањето на шестмината кандидати за потпретседатели на Комисијата.
Брисел, 13 ноември 2024 (МИА) – Европската комисија не ја коментира постапката и деталите од процесот за одобрување на номинациите на новите еврокомесари во Европскиот парламент, изјави денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер во одговор на прашање околу одлагањето на потврдувањето на шестмината кандидати за потпретседатели на Комисијата.
Како што претходно јави МИА, лидерите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ се договорија за одлагање на седниците на ресорните комитети на ЕП за потврда на номинациите на кандидатите за нови потпретседатели на ЕК, чии сослушувања се одржаа вчера, со цел, како што беше образложено, да се обезбеди „сеопфатен пакет на сите шест номинирани“.
На прашање дали претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се согласува со забелешките на нејзината Европска народна партија (ЕПП) изнесени на сослушувањето на кандидатката за извршна претседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност, Шпанката Тереза Рибера Родригез, поврзани со поплавите во Шпанија, Мамер одговори дека ЕК не ги коментира дискусиите на сослушувањата за челнови на новото извршно тело на ЕУ.
- Таа е кандидатката за комесарка предложена од Шпанија и претседателката има доверба во госпоѓа Рибера. Сега сме во фаза во која Европскиот парламент треба да ги потврди сите комесари предложени од претседателката и тоа е се што имаме да кажеме за ова во моментов, рече Мамер.
Запрашан за детали од средбата на Фон дер Лајен со политичките лидери на „Да ја обновиме Европа“ и СД по одлагањето на потврдувањето на номинациите на кандидатите за потпретседатели на ЕК, Мамер одговори дека таа постојано има средби со претставници на Европарламентот и дека ЕК не објавуваа детали од сите тие разговори. Тој додаде дека е уверен оти доколку членовите на ЕП и пренеле некаква порака на Фон дер Лајен, таа ќе ја земе предвид на соодветен начин.
- Се надеваме дека новиот Колеџ на комесари ќе може да започне со работа што е можно поскоро, потенцира Мамер. сп/
Фото: МИА Архива