Локални власти потврдија дека Хамас го предал телото на Шири Бибас
- Телото на жената кое го предаде палестинската екстремистичка група Хамас во Појасот Газа е на киднапираната заложничка Шири Бибас, потврди рано утрово кибуцот Нир Оз.

Тел Авив, 22 февруари 2025 (МИА) – Телото на жената кое го предаде палестинската екстремистичка група Хамас во Појасот Газа е на киднапираната заложничка Шири Бибас, потврди рано утрово кибуцот Нир Оз.
- Кибуцот со длабока болка соопштува дека таа била убиена додека била заложничка во Газа, рече портпаролката на локалната власт.
Како што пренесе ДПА, Хамас доцна синоќа го предал телото на Црвениот крст.
Хамас во четвртокот ги предаде телата на синовите на 32-годишната Бибас, Ариел и Кфир – кои имаа само 4 години и 9 месеци кога беа киднапирани – заедно со уште еден починат заробеник, 84-годишниот мировен активист Одед Лифшиц.
Израелските форензички експерти потоа утврдија дека останките во четвртиот ковчег не припаѓаат на Шири Бибас, како што тврдеше Хамас.
Но Форумот за заложници и исчезнати семејства издаде соопштение во кое се вели дека семејството Бибас изјавило дека експертите од израелскиот Институт за судска медицина го идентификувале телото.
- Нашата Шири беше убиена во заробеништво и сега се врати дома кај нејзините синови, сопругот, сестрата и целото нејзино семејство за да се одмори, се вели во соопштението.
Хамас денеска треба да ослободи уште шест заложници, од кои тројца порано од планираното. За возврат, се очекува Израел да ослободи околу 600 палестински затвореници од своите затвори, вклучително и 60 кои отслужуваат долги казни, според палестински извори.
Меѓу шесте заложници што треба да бидат ослободени се и двајца мажи кои беа држени од Хамас околу 10 години. Пред нивното киднапирање, тие самоиницијативно ја преминале границата во Појасот Газа. Според израелски извори и двајцата имаат психолошки проблеми.
Останатите четворица мажи беа киднапирани на 7 октомври 2023 година од Хамас и други екстремистички групи за време на терористичкиот напад во јужен Израел, во кој загинаа 1.200 луѓе. јт/
Фото: ЕПА