Лоеб: Нема издржани аргументи за нашето исклучување
- Деветкратниот светски шампион во рели, Себастиен Лоеб, објасни дека одлуката на ФИА да го дисквалификува од релито Дакар страдала од „недостаток на цврсти аргументи“ и призна дека е разочаран од неговото предвремено отпаѓање.
- Post By Спорт Миа
- 17:29, 8 janar, 2025
Биша, 8 јануари 2025 (МИА) - Деветкратниот светски шампион во рели, Себастиен Лоеб, објасни дека одлуката на ФИА да го дисквалификува од релито Дакар страдала од „недостаток на цврсти аргументи“ и призна дека е разочаран од неговото предвремено отпаѓање.
Вчера, Лоеб и неговиот совозач Фабијан Луркин имаа тешка несреќа на самиот старт на третата етапа од релито, но успеаја да продолжат и да го доведат својот прототип „Дачија Сандрајдер“ до целта и покрај тоа што загубија повеќе од еден час.
Сепак, последователната проверка на автомобилот откри дека дел од ролната на автомобилот е свиткана и затоа екипажот е исклучен, а „Дачија“ изјави дека ќе се жали на одлуката.
-Навистина е разочарувачки што мораме да се вратиме во Џеда наместо да ја продолжиме борбата. Видовте што се случува со болидите. Еден час и 15 минути од лидерот ништо не е загубено. Да, ќе почневме поназад, но ќе имавме шанса да постигнеме нешто, изјави Лоеб.
Легендарниот возач вчера потроши време и на самата несреќа - превртувањето со голема брзина.
-Немам зборови да објаснам што се случи. Не притискав многу, но беше многу непријатна компресија и задникот отскокна, едноставно е. Во овој момент не можев многу да направам. Се случуваат такви работи, но тоа не ја прави ситуацијата помалку непријатна, призна Французинот.
Тој даде мислење и за одлуката на ФИА по проверката на неговиот болид.
-Вчерашната одлука е многу тешко да се прифати. За мене ова е непријатно и разочарувачко, бидејќи според мене на оваа одлука и недостасуваат цврсти аргументи. Се разбира, безбедноста е супер важна, тоа го разбирам. Но, лимитот поставен од ФИА се чини дека не е многу погоден за нашата дисциплина бидејќи се натпреваруваме во екстремни услови. Нашиот тим обезбеди докази за да докаже дека ролната останува цврста и силна, имам целосна доверба во тимот. Дури и со голо око, можете да видите дека нема компромис за безбедноста. Да, ова е тешко да се прифати, изјави уште Лоеб. дс
Фото: Принтскрин