• e enjte, 26 dhjetor 2024

Лицата со попреченост се уште наидуваат на пречки при остварување на нивните права

Лицата со попреченост се уште наидуваат на пречки при остварување на нивните права

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Над 50 проценти од лицата со попреченост во анкета спроведена во рамки на проектот „Алијанса по прашањето хендикеп за развојни и инклузивни реформи во регионот“ се изјасниле дека нема соодветни рампи за пристап, а над 60 проценти изјавиле дека нема паркинг простор за лицата со попреченост. 

Податоците од анкетата покажуваат дека 77 проценти од испитаниците кажале дека наидуваат на непристапни ходници, а 75 проценти дека нема тактилни патеки и пристапен тоалет. 

Во однос на остварувањето на правото на пристапност во здравството, податоците покажуваат дека 76 проценти од испитаниците со попреченост користат придружник при посета на здравствените установи, а само 42 проценти од лицата со физичка и 43 проценти од лицата со интелектуална попреченост одат сами во здравствените установи. Педесет и шест отсто од испитаниците со попреченост велат дека немаат пристап до соодветни или разбирливи информации во здравствените установи. 

Учесниците на дебатата, што ја организираше Организацијата на лица со попреченост „Полио плус“ за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп и нејзина хармонизација со македонското законодавство, се согласија дека недостигот на пристапност се смета за дискриминација и дека тоа е пречка во достигнувањето еднакви можности и права.

Според Наташа Амдију, стручна соработничка на „Полио плус“, нештата околу правата на луѓето со попреченост се придвижуваат кон подобро, но тоа оди многу бавно и многу работи стојат во место.

- Имплементацијата на Конвенцијата и подигањето на општествената свест мора да одат заедно. Механизми (за спроведување) постојат, но многу малку се спроведуваат, смета Амдију.

Во однос на правото на граѓаните со попреченост да учествуваат во политиката беше посочено дека испитувањата покажуваат дека дел од политичките партии декларативно искажуваат подготвеност да истакнат лице со попреченост на своите избирачки листи, но дека тоа во практика се избегнува.

Суарет Алишан, долгогодишен гласноговорник и поборник на лицата со попреченост, ги повика македонските власти да ги заштитат лицата со попреченост со посебна измена во Уставот. си/бак/

Фото: „Полио плус“

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR