Лидерите на ЕП го поздравија примирјето во Газа и повикаа на почитување на обврските од договорот
- Претседателката на Европскиот парламент (ЕП) и лидерите на политичките групи во ЕП денеска го поздравија неодамнешниот прекин на огнот во Газа и напредокот што тој го претставува за постепено ослободување на заложниците и притоа повикаа на почитување на обврските преземени со овој договор.
Брисел, 22 јануари 2025 (МИА) - Претседателката на Европскиот парламент (ЕП) и лидерите на политичките групи во ЕП денеска го поздравија неодамнешниот прекин на огнот во Газа и напредокот што тој го претставува за постепено ослободување на заложниците и притоа повикаа на почитување на обврските преземени со овој договор.
„Сите страни мора целосно да се посветат на своите обврски и да дадат приоритет на заштитата на цивилите. Ги повикуваме сите европски и меѓународни актери внимателно да го следат спроведувањето на прекинот на огнот и да ги повикаат на одговорност оние кои не го почитуваат“, порачаа претседателката на ЕП и лидерите на политичките групи во изјава што ја усвоија за прекин на огнот во Газа.
Истовремено, тие оценија дека ваквиот развој на настаните е значаен чекор кон намалување на огромните страдања што ги преживеаја цивилите од двете страни во текот на изминатите месеци.
„Ние, лидерите на политичките групи во Европскиот парламент, ја повторуваме нашата длабока тага за невините жртви од двете страни на ужасните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Ја поздравуваме посветеноста на посредниците, вклучително и САД и Египет и Катар, чии напори беа клучни за постигнување на овој продор. Од клучно значење е да се почитуваат сите обврски преземени според овој договор, со што се обезбедува ослободување на сите заложници и одржлив прекин на насилството“, порачаа тие.
Исто така, повикаа на итно ослободување на сите преостанати заложници и ја истакнаа важноста да им се обезбеди итна хуманитарна помош додека се во заробеништво.
Лидерите на политичките групи во ЕП, исто така, оценија дека хуманитарната криза во Газа бара итна и одржлива акција и ја истакнаа важноста од неограничен хуманитарен пристап за да се осигура дека помошта ќе стигне до оние на кои им е најпотребна.
Притоа, ги повикаа сите страни да ги обноват напорите за отстранување на пречките за решение за две држави и да се вклучат во дијалог со цел да се постигне меѓусебно разбирање и почитување.
Тие, исто така, истакнаа дека ЕП активно ќе се вклучи во поддршката на мировните напори преку парламентарна дипломатија. „Зајакнувањето на дијалогот со регионалните актери, поттикнувањето на соработката и обезбедувањето на улогата на ЕУ како мировен посредник се од суштинско значење за градење доверба и поставување на темелите за траен мир“, посочија лидерите на ЕП. паг/