• e premte, 08 nëntor 2024

Ле Пен на судењето за проневера тврди дека не прекршила ниту едно правило на ЕП

Ле Пен на судењето за проневера тврди дека не прекршила ниту едно правило на ЕП

Париз, 1 октомври 2024 (МИА) - Француската екстремно десничарска лидерка Марин Ле Пен се појави вчера пред судот во Париз каде што таа и другите француски десничарски националисти се обвинети дека примале средства за лажниот персонал на Европскиот парламент.

Заедно со долгогодишниот лидер на Националниот собир, Марин Ле Пен, меѓу 28-те обвинети за проневера на јавни пари е и нејзиниот татко и основач на партијата, Жан-Мари Ле Пен.

Марин Ле Пен секогаш ги негираше обвинувањата кои се однесуваат на времето од 2004 до 2016 година, а кои се насочени против партијата Национален собир и против поранешни избрани функционери и нивните помошници.

-Не прекршивме никакво политичко правило или правило на Европскиот парламент, рече Ле Пен пред судот пред почетокот на формалното судење.

При читањето на обвинението таа одговори дека „ќе одговори на сите поставени прашања“.

Според обвинителството, Ле Пен и нејзините колеги од партиите „Национален фронт“ и „Национален собир“ користеле пари наменети за плаќање помошници на пратениците во Европскиот парламент за да им платат на луѓето кои извршувале работа за партијата во Франција.

Во случајот наводно станува збор за сума од речиси седум милиони евра. Ле Пен пред една година му врати на Европскиот парламент 330.000 евра. Сепак, од нејзината партија нагласија дека тоа не е признавање на престап.

Аферата со години ги оптоварува Ле Пен и нејзината партија. Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите се соочуваат со големи парични казни или до 10 години затвор.

Исто така, доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите би можеле да добијат забрана за вршење јавна функција во рок од пет години, што би можело да ја спречи кандидатурата на Ле Пен на следните претседателски избори во 2027 година. мс/

фото: МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR