Левица: Бараме итно расчистување на дивата депонија во Шуто Оризари
- СООПШТЕНИЕ
- Post By Сашо Арсовски
- 11:34, 15 tetor, 2024
15 октомври 2024
Скопската дива депонија во Шуто Оризари претставува алармантен проблем што бара итна реакција од надлежните институции.
Од ден на ден, oваа депонија се шири и зголемува, создавајќи вистинска планина од отпад и тоа само на 5 километри од центарот на главниот град.
Taa e сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните, но, истовремено е и срам за нашата урбана средина.
Земјиштето на кое е лоцирана оваа депонија е комбинација на државна и приватна сопственост.
Загрижувачки е фактот што најголемиот дел од нејзините парцели се под управa на Министерството за одбрана.
Ова наметнува низа прашања: дали е Министерството свесно за присуството на депонијата на својата територија? Кој дозволува одлагање на отпадот на оваа локација? Дали, можеби, станува збор за специфичен вид на отпад, па дури и за воен отпад?
Дополнително, дел од оваа територија е класифицирана како плодна земјоделска почва и пасишта.
Во време кога Р. Македонија се соочува со уништување на земјоделското земјиште поради изградба на фотоволтаици, сега сме сведоци на нов вид на деградација – депонирање на непознат отпад на плодни површини.
Ова е двоен удар за животната средина и за аграрот, кои веќе се борaт со бројни предизвици.
Депонијата во Шуто Оризари не претставува само еколошка закана, туку и директен ризик за здравјето на граѓаните. Храната што се произведува на земјоделските површини во непосредна близина на оваа депонија завршува на трпезариската маса во многу домови.
Со контаминирањето на почвата и подземните води, опасните супстанци и токсични материи од депонијата можат да се најдат во храната што ја консумираме, со што се нарушува здравјето на населението.
Левица ќе поднесе претставки до Општина Шуто Оризари, Град Скопје и Државниот инспекторат за животна средина. Сите oдговорни институции мора итно да преземат мерки за расчистување на депонијата и да најдат кој е одговорен со управувањето со овој простор и кој дозволил да никне дива депонија во непосредна близина на Скопјe.
Левица
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.