• e enjte, 30 janar 2025

Куманово објави повик за аплицирање за надоместок на трошоци за приклучок кон гасоводната мрежа

Куманово објави повик за аплицирање за надоместок на трошоци за приклучок кон гасоводната мрежа

Куманово, 30 јануари 2025 (МИА) - Куманово ги повика граѓаните да аплицираат за надоместување на дел од трошоците за приклучок на гасификациска мрежа на подрачјето на општината за 2025 година, како дел од сетот мерки наменет за намалување на аерозагадувањето во градот, информираа денеска од општината. Општината субвенционира 25.000 денари за приклучок.

- Очекуваме домаќинствата да се пријават, да ја искористат оваа можност. Средствата за субвенции се зголемени, затоа што и цената на приклучокот, изјави директорот на „Куманово-Гас“, Марко Митровски.

Општина Куманово, со цел да ги стимулира граѓаните за користење гас за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, ќе обезбеди поврат на дел од потрошените средства, направени за приклучна такса кон гасификациска мрежа по денот на објавување на овој јавен повик, сè до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 30, ноември годинава.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Општина Куманово. Услов за учество во јавниот повик е купувачот да нема искористена субвенција од кој било извор за иста намена од државата.

Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на Општина Куманово, кои имаат склучено договор за приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа и решение за приклучување издадени од ЈП „Куманово Гас“ и ќе поднесат образец за барање за искористување на правото за надоместок. На јавниот повик немаат право на учество домаќинствата кои имаат веќе остварен приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се сè уште во фаза на изградба.

- Потребно е да се достави пополнет образец за барање, кој содржи и изјава дека барателот нема претходно инсталиран приклучок од ЈП „Куманово Гас“. Барањата се подигаат во архивата на Општина Куманово или на веб страницата на општината. Граѓаните треба да достават и фотокопија на личната карта на барателот со адресата на живеење (објектот каде ќе биде приклучокот). Доказ во оригинал дека има склучено договор за приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа и Решение за приклучување издадени од ЈП „Куманово Гас“ по денот на објавување на повикот, наведуваат од општината.

Барањето заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Општина Куманово, ул. 11 Октомври бб, во архивата на Општина Куманово, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

Градоначалникот формира комисија за спроведување на јавниот повик, со решение кое ќе ги провери пристигнатите пријави и документација, да изготви листа на баратели-добитници на субвенции. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, сè до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 300.000 денари. ам/цр


Фото: МИА

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR