• e martë, 25 shkurt 2025

Кузеска: Премиерот Мицкоски да реагира на доказите за сомнежи за корупција на вицепремиерот Меџити

Кузеска: Премиерот Мицкоски да реагира на доказите за сомнежи за корупција на вицепремиерот Меџити

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - СДСМ денеска во Владата достави документи до премиерот Христијан Мицкоски во врска со нивните тврдења за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер Изет Меџити.

-Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата. Еве ги тие документи кои се доставени до нас од свиркачи кои се од државни институции со архивски броеви, печати и со потписи. Овде е јасно наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети. Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и кон граѓаните, рече во изјава за медиумите портпаролката на партијата, Богданка Кузеска пред да ги достави документите во Владата. 

Во Министерството за животна средина, додаде таа, според наведеното во приложените документи бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и админстративните процедури што остава сомнеж за корупција и за мито. Од партијата очекуваат премиерот во најбрз можен рок да ги разгледа и да ги повика надлежните институции да реагираат.

-Нека ги погледне документите и тоа што треба да следува после тоа како обврска и на премиерот која сам си ја зададе влегувајќи во улога и на обвинител и на судија, нека најави тој на јавноста кои чекори ќе ги презеде натаму, рече Кузеска на прашањето дали бараат евентуално разрешување на Меџити. вг/ац/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR