• e enjte, 09 janar 2025

Коњановски: Новогодишната „Зимска приказна“ покажа моќ да поттикне раст во туризмот

Коњановски: Новогодишната „Зимска приказна“ покажа моќ да поттикне раст во туризмот

Битола, 8 јануари 2025 (МИА) - Новогодишната „Зимска приказна“ покажа моќ да поттикне раст во локалната економија и посебно во туризмот. Импактот во туристичкото влијание во делот на посетеноста е голем бидејќи освен битолчани според статистиката меѓу 50.000 посетители имаше гости од регионот, од државата и дијаспората, истакна на прес конференција во Битола, градоначалникот Тони Коњановски.

Според градоначалникот Коњановски, „Зимска приказна“ е јасен показател дека манифестацијата ја позиционира Битола како регионален центар за различни настани односно манифестациски туризам што се одвива на различни локации во градот.

-„Зимска приказна“ беше 18 дневна програма со над 150 реализирани настани, над 400 часа активна програма со над 3.000 учесници, со над 600 лизгачи кои секојдевно уживаа на лизгалиштето или заклучно со денешниот ден со над 10.000 лизгачи, возот „Мечо“ реализира 1.200 возења, или над 50.000 посетители уживаа во различни програмски активности. Вкупната финансиска вредност на целата програма изнесува 6,1 милиони денари, во делот на распределба на трошоците Општина Битола сноси дел од 3,9 милиони денари, а КИЦ ќе исплати 2,1 милиони денари. Лизгалиштето инкасира приход од еден милион денари, истакна Коњановски.

Во изјава за медиумите градоначалникот соопшти дека според официјалните податоциод СВР-Битола за влез на граничниот премин Меџитлија на 31 декември во Битола влегле 1.519 лица и тоа претставува зголемување од 30 насто во однос на минатата година, додека на 1 јануари 2025 година за влез во градот чекале 1.031 лице.

-Битола оваа зима се претвори во сјајна сцена, подиум каде празничната магија во вистинска смисла на зборот оживеа. Со „Зимска приказна“ градот го покажа својот вистински потенцијал како културен епицентар и туристичка дестинација која што не само што го слави празничниот дух туку директно ја поддржува локалната економија и туризмот. Оваа приказна не е само за празниците туку и за визијата за Битола како град на културата, соработката и економскиот развој, посочи Коњановски.

На денешната прес-конференција беше истакнато и дека е забележан зголемен интерес за веб страницата на Општина Битола, а со успешната „Зимска приказна“  Битола ја зацврстува улогата на лидер во културниот туризам и за многу градови станува инспирација. мт/сст/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR