Кошта: Почитуваме сечие мислење, но не можеме да дозволиме да бидеме блокирани
- Не можеме да бидеме блокирани затоа што Унгарија размислува поинаку од сите други, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на мартовскиот Самит на ЕУ, во одговор на прашање дали одлуката на Будимпешта за блокирање на заклучоците за поддршка на Украина на втор Самит по ред, претставува „ново нормално во ЕУ“.
- Post By Сашко Панајотов
- 23:54, 20 mars, 2025

Брисел, 20 март 2025 (МИА) - Не можеме да бидеме блокирани затоа што Унгарија размислува поинаку од сите други, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на мартовскиот Самит на ЕУ, во одговор на прашање дали одлуката на Будимпешта за блокирање на заклучоците за поддршка на Украина на втор Самит по ред, претставува „ново нормално во ЕУ“.
- Унгарија има поинаква позиција од другите 26 земји членки на ЕУ кога станува збор за тоа како да се поддржи Украина во постигнувањето мир и мораме да ги почитуваме разликите, нагласи Кошта.
Тој додаде дека останатите 26 земји членки се усогласиле за многу јасни заклучоци за Украина и остануваат обединети околу тој став, со почитување на различните ставови на некој друг.
Кошта нагласи дека Унијата е составена од 27 нации со различни култури, традиции и погледи на светот и разликите не се ништо ново.
- Почнавме со шест земји, сега имаме 27 и сме во процес на проширување. Секој круг на проширување ги прави работите се попредизвикувачки, но тоа е позитивното живеење на Унијата, рече Кошта.
Според него, и претходно меѓу земјите членки постоеле разлики за некои прашања, дури и блокади при носењето одлуки, но Унијата секогаш наоѓала начин да се справи со тешкотиите.
- Ако имате 26 земји членки со една позиција и само една со друга, тоа мора да го почитувате, но таа е изолирана, рече Кошта.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од своја страна доададе дека основа на дискусијата на Самитот беше Белата книга за европската одбрана, чие име „Подготвеност 2030“ кажува се и опфаќа широк спектар за активности за финансирање на безбедносната инфраструктура.
Таа најави и дека веќе следната недела Европската комисија ќе презентира и втор столб на пакетот „Подготвеност 2030“, кој ќе претставува стратегија за справување со кризи, природни катастрофи и други вонредни состојби.
На прашање дали лидерите го прифатиле барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски за итна помош од ЕУ за артилериска муниција во висина од пет милијарди евра, Кошта одговори дека Унијата веќе обезбеди финансиска и воената поддршка за Украина во текот на 2025 година, а со Планот „Ревооружување на Европа“, што Европската комисија го претстави пред две недели, се зголемува маневарскиот простор за земјите членки да ја зголемат поддршката за Киев.
Со овој пакет, според Кошта, се создаваат поголема флексибилност и можности за земјите членки на ЕУ одделно да ги користат своите средства за поддршка на Украина.
- Одбраната и зајакнувањето на економија се две страни на истиот медал и со зајакнувањето на конкурентноста, ја зајакнуваме и нашата одбрана, додаде Кошта. сп/
Фото: МИА Архива