Аљбан Кадриу, предложен за нов член на Судскиот совет, гласање по паузата на матичната комисија
- Аљбан Кадриу, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, е предлогот за нов член на Судскиот совет што денеска на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го соопшти претставникот на коалицијата Вреди во Собранието Беким Ќоку. Седницата на Комисијата ќе продолжи околу 13 часот, на барање на пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ со образложение дека треба да ги разгледаат десетте предлози доставени до Комисијата.
Скопје, 11 декември 2025 (МИА) - Аљбан Кадриу, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, е предлогот за нов член на Судскиот совет што денеска на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го соопшти претставникот на коалицијата Вреди во Собранието Беким Ќоку. Седницата на Комисијата ќе продолжи околу 13 часот, на барање на пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ со образложение дека треба да ги разгледаат десетте предлози доставени до Комисијата.
Кадриу дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот на ЈИЕ, каде и магистрирал, работел во Владата, а потоа во МВР и во СВР Тетово. Во својата биографија, објавена на веб страната на Собранието, тој наведува дека како правник досега покажал солидни резултати и оти со досегашното негово искуство како правник ги исполнува условите за член на Судскиот совет и дека успешно ќе помогне во спроведување на реформите во правосудството.
Пријавени кандидати за член на Судски совет „Службен весник на Република Северна Македонија“ се Фехми Стафа, адвокат од Скопје, Аљбан Кадриу, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, Ганимете Беџети Исмаили, дипломиран правник со положен правосуден испит од Гостивар, Феузи Џафери, адвокат од село Чајле Гостивар, Мони Авзији, дипломиран правник со положен правосуден испит од село Долно Палчиште, Боговиње, Ведат Салихи, дипломиран правник со положен правосуден испит од село Арачиново, Демир Хамити, дипломиран правник со положен правосуден испит од село Чајлане, Арбер Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, Сeјфула Османи, дипломиран правник со положен правосуден испит од Гостивар и Зоран Петковски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Кратово.
За член на Судскиот совет на Република Северна Македонија се избира лице од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓународни судии и други истакнати правници, кое во моментот на објавувањето на огласот е државјанин на Република Северна Македонија, дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување, да не е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за да ја врши функцијата член на Советот и да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет.
За член на Советот не може да биде избрано лице кое во моментот на објавување на огласот врши судиска или јавнообвинителска функција или лице кое било разрешено од судиска или јавнообвинителска функција, освен ако Европскиот суд за човекови права утврдил прекршување на Европската конвенција за човековите права во постапката за разрешување, ниту лице кое во последните четири години било пратеник, член на Влада на Република Северна Македонија или вршело функција во орган на политичка партија. Кандидатот, меѓудругото, треба да достави
лична изјава заверена на нотар дека во моментот на објавување на огласот не врши судиска или јавнообвинителска функција или не бил разрешен од судиска или јавнообвинителска функција, освен ако Европскиот суд за човекови права утврдил прекршување на Европската конвенција за човековите права во постапката за разрешување, ниту дека во последните четири години бил пратеник, член на Влада на Република Северна Македонија или вршел функција во орган на политичка партија. ев/вј/
ФОТО: Архива