• e enjte, 30 janar 2025

Комеморативна седница за уметникот, режисер и писател Коле Манев

Комеморативна седница за уметникот, режисер и писател Коле Манев

Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) – Без разлика дали работеше во сликарството, културата или литературата неговите дела ја доловуваат душата на неговото време и ја пресликуваат секоја болка, секоја радост и секоја надеж, а неговото творештво говори за универзалноста на неговите величини и изрази, беше посочено на денешната комеморативна седница во Националната галерија Даут пашин амам за уметникот, режисер и писател Коле Манев, кој почина на 22 јануари годинава.  

-Денеска му оддаваме почит на еден од најзначајните уметници од нашата земја, на човекот кој со своето творештво остави неизбришлива трага во македонската ликовна уметност. Зад себе остави галерија на дела во кои го отсликуваше духот на времето во кое живееше. Неговото име ќе остане симбол на уметничката слобода на истрајноста во творењето, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на комеморацијата.

null

Нагласи дека Коле Манев зад себе остави импресивно наследство со кое, како што кажа, ќе остане секогаш жив и ќе ги инспирира уметниците, а Министерството за култура и туризам ќе продолжи да го чува наследството на Манев затоа што мора и заслужува да биде почитувано од сите нас.

Ана Франговска од Националната галерија посочи дека Манев е визионерски уметник чиј живот и дело оставаат неизбришлива трага во македонската и светската уметност.

- Неговите потези со четка исполнети со сурови емоции и длабочина зборуваат многу за болките, надежите и издржливоста на човештвото, рече Франговска и истакна дека неговите дела се вклучени во постојаната поставка на Националната галерија на македонската уметност од 20. век. 

Го посветил сиот свој живот, како што рече, на реализмот и фигурацијата, експериментирајќи во областа на надреалниот геополитички реализам, па дури во аспектите на хиперреализмот. 

null

- Неговото дело не беше само уметнички потфат, туку искрено сведоштво за страдањето на раселените луѓе, болката по Егејот и потрагата по идентитетот. Преку неговата мајсторска употреба на боја, композиција и експресија ја покажува човечката состојба. Секоја од неговите слики раскажува приказна за копнеж, разделба и непокорниот  дух на оние кои ја издржале разделеноста, рече Франговска.  

Освен што беше сликар, додаде, Манев беше и ментор, мислител и поборник за зачувување на културната меморија. Неговата уметност останува трајна вредност, а Манев ќе продолжи да живее низ своите слики и низ инспирацијата што ја обезбеди за генерациите уметници.

Познатиот македонски сликар и филмски работник Манев е роден 1941 година во село Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија, кое е бомбардирано за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 година. На осум годишна возраст заедно со постариот брат Стасе и постарата сестра Елисавета, завршува во Романија, во прифатните домови во Арад, Синаја, Орадеа и Тулгеш, во романските Карпати. Во 1955 година, со посредство на меѓународниот Црвен крст се враќа во Скопје, каде го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје. 

Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција – Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија – ДПМ. 

Тој беше автор на над дваесетина самостојни изложби, учествувал на мноштво групни изложби, член на ДЛУМ од 1974 година, во еден период и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, награден со многу награди за своето сликарство: „Нерешки мајстори“, четирикратен добитник на „Мал формат“, награда за „Цртеж“ на ДЛУМ, „Наше историско минато“, награда на ликовна манифестација во Цетиње, од Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ја добива наградата за посебни заслуги во афирмирањето на темата „бегалци“, во 2004 година Општина Центар му ја доделува наградата „Феникс“ за посебни заслуги во културата, во 2006 година Министерството за култура на Република Франција го прогласува за почесен витез од областа на културата и творештвото, во 2021 година Кинотеката на РС Македонија му го додели признанието „Златен објектив“ за особен придонес во македонската кинематографија.

Во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, рачно ги исцртува сите шпици за документарните емисии што се снимаат во Радио-телевизија Скопје. Потоа заминува во Париз, каде работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера.

Во 1972 година, кога од Париз повторно се враќа во Македонија, во Радио-телевизија Скопје, со писателот Јован Павловски реализираат серија репортажи од поголемите европски градови. Потоа го реализира ТВ-филмот „Екофагос“. Во истиот период, го реализира документарниот филм „Баскарските извори“ филм со кој, всушност, ја почнува обработката на темата за Егејска Македонија.

Овој филм е награден со прва награда на реномираниот ТВфестивал во Блед, Словенија и тоа му ги отвора вратите на Коле Манев, така што тој добива стипендија за едномесечен престој во Прага, во тогашна Чехословачка, во студијата во Барандов, прочуените филмски студија во Прага, каде што се запознава со работата на студијата за анимиран филм. Таму, исто така, има можност да види оригинални архивски снимки од егзодусот на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција од 1948 година. Тоа го инспирира и по враќањето во Скопје, во 1976 година, до „Вардар филм“ поднесува сопствено сценарио за реализација на документарниот филм „Тулгеш“.

Приказната на филмот, тие потресни средби на семејствата разделени во различни европски земји, со години одвоени едни од други, средби во кои мајките не ги препознаваат децата, такви автентични снимки ретко се среќаваат во македонската кинематографија и несомнено филмот „Тулгеш“ не само што е врв во неговото филмско творештво, туку истовремено претставува ремек-дело на македонската документаристика која во тоа време има многу значајна школа во „Вардар филм“ и ги собира сите награди на престижниот, т.н. Мартовски фестивал на југословенскиот краткометражен и документарен филм што секоја година се одржува во Белград. И „Тулгеш“ е награден во Белград, Коле Манев добива „Гранпри“ за режија и „Голем златен медал“ за најдобро сценарио. 

Во 1980 година за Телевизија Скопје, со сопствена камера, како снимател, сценарист и режисер, во зимски амбиент го реализира документарниот филм „Пост“, инспириран од еден интересен лик од живописното Лазарополе, сместено високо на планината Бистра. Во 1982 година заминува во Австралија каде што реализира три документарни емисии за македонските иселеници за потребите на Телевизија Скопје. Во 1984 година го реализира краткометражниот документарно-игран филм „Црно во црно“, повторно на егејска тема. Во 2003 година го реализира својот прв и единствен долгометражен игран ТВ-филм „Мост“, а во 2020 година, во време на корона-кризата го снима и режира своето последно остварување, краткометражниот игран филм „Екоспкоп“, интересна филмска приказна за уличен собирач на картони чија активност ја следи низ четирите годишни времиња.

Коле Манев реализира и обемна книжевна и публицистичка дејност. Повеќе од дваесет години редовно објавуваше колумни во македонските дневни и неделни списанија и весници, во кои ги коментираше актуелните настани од аспект на интелектуалец од стар ков, загрижен за случувањата во својата земја. Овие негови колумни редовно беа придружени со цртеж што ја обработуваше темата на колумната.

Во 2015 година разочаран од тоа што неговите сценарија повеќепати не се прифатени за реализација во Агенцијата за филм, собра шест авторски сценарија за свои краткометражни филмови и ги објави во книгата под заеднички наслов „Сценарио – зошто да не?“ со идеја дека оваа книга ќе им послужи на помладите сценаристи или режисери кои ќе се инспирираат и можеби некое од тие сценарија и ќе го реализираат на филм. Едно од тие никогаш нереализирани сценарија кое не влезе во претходниот избор, а кое имаше материјал да биде продолжено во подолга приказна, Коле Манев го преработи во роман и го објави во 2018 година под наслов „Патување со Самаритен“, една многу интересна приказна раскажана во прво лице, која зборува за патешествието на главниот јунак низ Франција, за неговите љубовни авантури, за неговите доживувања во светот на уметноста – еден роман нетипичен за македонската книжевност. Сепак, и покрај сите овие објави, Коле Манев никогаш не претендираше на тоа дека е книжевник, тој секогаш сметаше дека пишувањето е негова споредна дејност, а главна и основна дејност секогаш остануваше сликарството.вј/лв/

Фото: МИА

 

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR