• e enjte, 10 tetor 2024

Кипар за првпат стана член на Советот за човекови права на ОН

Кипар за првпат стана член на Советот за човекови права на ОН

Никозија, 10 октомври 2024 (МИА) – Кипарскиот претседател Никос Христодулидис, како и шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос изразија задоволство од изборот на Република Кипар за членка на Советот за човекови права на ОН за периодот 2025-2027 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипар, исто како и Северна Македонија за првпат станаа членки на конкретниот совет, заедно со уште 16 земји по гласањето во Обединетите нации.

-Изборот на Кипар, за прв пат, во Советот за човекови права на ОН за 2025-2027 е одличен резултат за нашата земја! Тоа ја покажува почитта и довербата што постои за нашиот Кипар да учествува во важните организации на системот на ОН, напиша Христодулидис на платформата „Х“ и им се заблагодари на земјите членки кои ја поддржаа кипарската кандидатура.

Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека добиле 167 гласа „за“ од 189 земји-членки кои учествувале во гласањето.

Шефот на дипломатијата Константинос Комбос за кипарската новинска агенција ЦНА рече дека е важен успех за земјата.

-Уште поважен е фактот што успеавме да бидеме избрани втори во географската група во која учествуваме со голем број гласови, што е особено важно. Собравме 167 гласови од 189 земји-членки кои учествуваа во гласањето. Ова е уште еден доказ дека се проширува нашиот дипломатски хоризонт и нашата цел е државата да биде активна како членка на меѓународната заедница, рече Комбос.

За нови членки на Советот, освен Кипар и Северна Македонија беа избрани и Бенин, Боливија, Колумбија, Чешка, Демократска Република Конго, Етиопија, Гамбија, Исланд, Кенија, Маршалските Острови, Мексико, Катар, Република Кореја, Шпанија, Швајцарија и Тајланд. ср/мс/

QËNDRONI TË LIDHUR