• e shtunë, 05 tetor 2024

Иранскиот министер за надворешни работи во Бејрут изрази цврста поддршка за Либан

Иранскиот министер за надворешни работи во Бејрут изрази цврста поддршка за Либан

Бејрут, 4 октомври 2024 (МИА) – Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска им вети поддршка на „пријателите на Техеран во Либан“, за време на неговата прва посета на Бејрут по интензивирањето на борбите меѓу Израел и проиранскиот Хезболах во септември.

- Бидете сигурни дека Исламската Република Иран стои и цврсто ќе стои со своите пријатели во Либан, изјави иранскиот министер додавајќи дека Техеран го поддржува Либан и неговата шиитска муслиманска заедница и Хезболах и оти „било неопходно тоа лично да се каже.

Арагчи отпатува за Бејрут за да се сретне со привремениот либански премиер Наџиб Микати и со претседателот на парламентот Набих Бери, близок сојузник на Хезболах.

Тој рече дека Иран ги поддржува напорите за прекин на огнот доколку е поддржан од Хезболах и се совпаѓа со прекинот на огнот во Газа, пренесе Би-Би-Си.

Иранскиот министер за надворешни работи, исто така, рече дека Техеран ќе одговори остро доколку Израел изврши напад врз Иран, поостро од минатиот пат, мислејќи на иранскиот напад врз Израел во вторникот со над 180 балистички ракети, од кои повеќето беа пресретнати.

Арагчи, кој претходно беше амбасадор на Иран во неколку земји, вклучително и Јапонија, е дипломат од кариера кој летово беше назначен за министер од иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Заменик-командантот на иранската револуционерна гарда, Али Фадави, во меѓувреме најави дека Иран ќе ги таргетира израелските енергетски и гасни инсталации доколку Израел го нападне Иран, јави полуофицијалната иранска новинска агенција СНН.

- Ако окупаторите направат таква грешка, ќе ги таргетираме сите нивни енергетски извори, инсталации и сите рафинерии и наоѓалишта на гас, рекол Фадави, според израелските медиуми. јт/

Фото: ЕПА

QËNDRONI TË LIDHUR