• e mërkurë, 17 dhjetor 2025

Институтот INSAIT при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ создаде најголемата отворена 3D база на податоци во светот за вештачка интелигенција

Институтот INSAIT при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ создаде најголемата отворена 3D база на податоци во светот за вештачка интелигенција

Софија, 16 декември 2025 (МИА/БТА) - Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT) при Софискиот универзитет (СУ) „Св. Климент Охридски“ создаде најголемата отворена 3D база на податоци во светот за вештачка интелигенција која разбира јазик и простор, соопшти прес-центарот на високообразовната институција.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

INSAIT, заедно со водечки меѓународни научни институции, го претставува SceneSplat-49k, најголемата јавно достапна колекција од висококвалитетни и сложени 3D сцени во формат Gaussian Splatting, како и SceneSplat-Benchmark, сеопфатна платформа за евалуација на модели за Language Gaussian Splatting.SceneSplat-49k вклучува 48.856 реконструирани сцени од реалниот свет, кои опфаќаат и затворени и отворени простори, од кои 12.061 се збогатени со јазични карактеристики. Создавањето на овој сет на податоци е резултат на значителен човечки труд и компјутерски ресурси во износ од 861 GPU-дена, што гарантира високо ниво на реализам и разновидност.

Language Gaussian Splatting им овозможува на системите со вештачка интелигенција да имаат интеракција со 3D средини преку природен јазик и да разбираат просторни и семантички односи директно во три димензии. Досега, развојот на вакви системи беше ограничен поради недостатокот на големи, висококвалитетни 3D податоци и стандардизирани методи за евалуација.

SceneSplat-Benchmark го решава овој проблем со воведување на значително пореалистични и предизвикувачки услови за евалуација. Тој опфаќа 1.060 сцени и 325 семантички класи, и овозможува директна евалуација на моделите во 3D средина, наместо преку 2D проекции, што обезбедува попрецизно и порелевантно оценување на разбирањето на сцените на ниво на простор.

Проектот е резултат на заедничката работа на INSAIT, Универзитетот во Амстердам, ETH Zurich (Лабораторија за компјутерски вид), Нанџингскиот универзитет за аеронаутика и астронаутика, Универзитетот Џонс Хопкинс, Универзитетот во Пиза и Универзитетот во Тренто. Тој претставува важен чекор кон развојот на следната генерација на 3D системи за вештачка интелигенција со примена во роботиката, виртуелната и зголемената реалност и природната интеракција човек-машина, забележува СУ..

БТА потсетува дека Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (Institute for Computer Science, Artificial Intelligence and Technology – INSAIT) беше официјално отворен на 11 април 2022 година во сала 3 на Националниот дворец на културата.

Институтот INSAIT беше отворен во партнерство со двата најголеми технолошки универзитети во Швајцарија – со Федералниот технолошки институт во Цирих (ETH Zurich) и со Политехничкиот универзитет во Лозана (EPFL). Институтот стана дел од структурата на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

Идеолог за создавањето на Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии е познатиот бугарски истражувач проф. Мартин Вечев, кој раководи со Лабораторијата за сигурни, доверливи и интелигентни системи на ETH Zurich, соопштија иницијаторите при создавањето на институтот.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

QËNDRONI TË LIDHUR