• e premte, 21 mars 2025

Израел го смени шефот на тајната служба кој ги истражуваше корупциските скандали на Нетанјаху

Израел го смени шефот на тајната служба кој ги истражуваше корупциските скандали на Нетанјаху

Тел Авив, 21 март 2025 (МИА) – Израелската влада рано утрово го разреши шефот на домашната разузнавачка служба Шин Бет, а одлуката ќе стапи во сила на 10 април, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, по тридневните протести против најавениот потег.

Нетанјаху оваа недела изјави дека ја изгубил довербата во Ронен Бар, кој ја водеше Шин Бет од 2021 година, и дека има намера да го смени.

Бар не присуствуваше на владиниот состанок, но во писмо испратено до министрите рече дека процесот околу неговото разрешување не е во согласност со правилата и дека неговото разрешување се заснова на неосновани тврдења.

Полицијата вчера употреби воден топ и изврши бројни апсења за време на судирите на протестите во Тел Авив и во близина на резиденцијата на премиерот во Ерусалим. Во текот на изминатите три дена, демонстрантите поради разрешувањето на Бар ги здружија силите со демонстрантите против одлуката за продолжување на војната во Појасот Газа.

Одлуката на израелската влада уследи по неколкумесечните тензии меѓу Бар и Нетанјаху поради истрагата за корупција на помошник во неговиот кабинет. Нетанјаху смета дека истрагата е политички мотивиран напад и обид да се собори од власт, додека критичарите го обвинуваат дека ги поткопува демократските институции барајќи смена на Бар.

Во писмото до владата, Бар рече дека одлуката за негово разрешување е „целосно обележана со (…) конфликт на интереси“ и водена од „фундаментално неприфатливи мотиви“.

Тој веќе најави дека планира предвреме да се повлече од функцијата за да ја преземе одговорноста за неуспесите на разузнавачките служби што не успеаја да го спречат терористичкиот напад врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас во октомври 2023 година. јт/

Фото: ЕПА

QËNDRONI TË LIDHUR