Израел ги предупредува раселените Либанци да не се враќаат дома поради нови напади
- Од ескалацијата на непријателствата во последните недели, израелските одбранбени сили постојано ги повикуваат жителите во одредени области на Либан да се евакуираат, честопати пред израелските воздушни напади, потсетува германската агенција.
- Post By Сашко Димевски
- 10:19, 5 tetor, 2024
Бејрут, 5 октомври 2024 (МИА) - Израелската војска ги повика либанските бегалци да не се враќаат во своите домови, предупредувајќи дека нападите врз селата во Либан ќе продолжат, изјави денеска портпаролот на ИДФ, пренесе ДПА.
Во објава на мрежата Х, портпаролот не прецизираше за кои села станува збор.
Од ескалацијата на непријателствата во последните недели, израелските одбранбени сили постојано ги повикуваат жителите во одредени области на Либан да се евакуираат, честопати пред израелските воздушни напади, потсетува германската агенција.
Воената кампања на Израел во Газа, предизвикана од невидените напади на Хамас на 7 октомври, беше придружена со речиси една година прекугранични судири со Хезболах во Либан, кој дејствува во знак на солидарност со Хамас.
Конфликтот сега се прошири и во Либан, каде што израелските сили значително ја ослабнаа милицијата поддржана од Иран, наводно убивајќи голем дел од нејзиното раководство.
Ризикот од поширока регионална војна се наѕира додека Израел продолжува со нападите во Либан, додека Хезболах продолжува да лансира ракети кон Израел и во светло на неодамнешниот напад на Иран на израелска територија, пренесува ДПА.сд/
фото: МИА архива