Изборот на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител утре на собраниска седница
- Собранието утре треба да се изјасни за предлогот Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител. Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд - Скопје, беше номиниран од Владата на 10 март, а за да ја добие функцијата, потребни му се најмалку 61 пратенички глас. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка, во која учествуваа петмина кандидати.
- Post By Ангела Рајчевска
- 09:01, 17 mars, 2026
Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Собранието утре треба да се изјасни за предлогот Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител. Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд - Скопје, беше номиниран од Владата на 10 март, а за да ја добие функцијата, потребни му се најмалку 61 пратенички глас. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка, во која учествуваа петмина кандидати.
Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца. Тој е магистер по правни науки - казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.
Савески од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.
Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ - Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД.
Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.
Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.
Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.
Покрај Савески, на огласот на Собранието за јавен обвинител се пријавија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Советот на јавните обвинители на 17-ти минатиот месец даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител, и тоа за Тополова-Исајловска, Ристовска, Савевски и за Раичевиќ. За кандидатурата на Владимир Панчевски едногласно одлучи дека тој не ги исполнува условите предвидени со законот во однос на работниот стаж.
Претходно, на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државна јавна обвинителка, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.
Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
По предлогот од Владата, со 61 глас од пратениците утре ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.ар/са/
Фото: МИА архива