• e mërkurë, 18 mars 2026

Пратеничката Ласовска избрана за известувач на следната седница на ПАБСЕК

Пратеничката Ласовска избрана за известувач на следната седница на ПАБСЕК

Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Пратеничката Благица Ласовска, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), која учествуваше на 67. седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка, која се одржа во Букурешт, Романија, е избрана за известувач за следната 68. седница на комисијата, за темата „Парламентарна поддршка за иновации: законодавни пристапи за унапредување на науката и технологијата во регионот на БСЕК“.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на седницата членовите на Комисијата разговарале за извештајот на тема „Правни димензии на дигиталното управување и иновациите во регионот на Црноморската економска соработка“. Во рамки на дискусијата билр разгледани предизвиците и можностите поврзани со развојот на дигиталното управување, потребата од усогласување на законодавствата со меѓународните и европските стандарди, како и улогата на парламентите во креирањето и надзорот на правната рамка што ја регулира дигиталната трансформација.

Членовите на Комисијата ја истакнале важноста од зајакнување на институционалните механизми за заштита на личните податоци, кибербезбедноста и транспарентноста во користењето на новите технологии во јавната администрација. По разгледувањето на извештајот, Комисијата ја усвоила и нацрт-препораката која ќе биде доставена на разгледување на Генералното собрание на ПАБСЕК.

Во своето обраќање, Ласовска нагласила дека темата за дигиталното управување е од особено значење за нашата држава, имајќи предвид дека дигиталната трансформација е тесно поврзана со реформските процеси и со стратешката цел за членство во Европската Унија.

Таа посочила дека државата во изминатите години усвоила повеќе закони со кои се поставуваат темелите на современа правна рамка за е-управување, вклучително и законски решенија за електронски документи, електронска идентификација и заштита на личните податоци.

Ласовска истакнала дека дигитализацијата на јавната администрација претставува приоритет во реформската агенда на земјата и дека Собранието активно ја следи и поддржува имплементацијата на овие политики преку законодавната и надзорната функција. Таа нагласила дека, и покрај постигнатиот напредок во развојот на дигиталната инфраструктура и услугите, неопходно е да се вложуваат дополнителни напори за унапредување на дигиталните вештини кај населението и за обезбедување еднаков пристап до дигиталните услуги за сите граѓани.

Во својата дискусија, Ласовска ја потенцирала и потребата од засилена регионална соработка, имајќи предвид дека предизвиците поврзани со кибербезбедноста, протокот на податоци и новите технологии ги надминуваат националните граници.

Таа оценила дека ПАБСЕК може да одигра значајна улога во усогласувањето на правните рамки на земјите членки со европските и меѓународните стандарди, како и во размената на добри практики меѓу парламентите.

На крајот од своето излагање, Ласовска истакнала дека дигиталната трансформација мора да се темели на принципите на транспарентност, отчетност, инклузивност и почитување на основните права, нагласувајќи дека само на тој начин може да се изгради доверба кај граѓаните и да се обезбеди одржлив развој на дигиталното управување. фф/вј/

Фото: Собрание

QËNDRONI TË LIDHUR