ЗОО Паркот „Бриони“ во Штип подготвен за зимата, обезбедени топли и безбедни услови за животните
- Подготвени се условите за престојната зима за животните во ЗОО Паркот „Бриони“ во Штип. Како што информира ветеринарот Зоран Божиков, живеалиштата се целосно прилагодени на ниските зимски температури, со цел животните да бидат згрижени во топла и пријатна средина.
Штип, 16 декември 2025 (МИА) - Подготвени се условите за престојната зима за животните во ЗОО Паркот „Бриони“ во Штип. Како што информира ветеринарот Зоран Божиков, живеалиштата се целосно прилагодени на ниските зимски температури, со цел животните да бидат згрижени во топла и пријатна средина.
Во најголем дел од живеалиштата се поставува дебел слој сува слама, која редовно се менува и служи како природна изолација. Дел од објектите располагаат и со уреди за дополнително затоплување, особено во периоди со екстремно ниски температури.
-Во почетокот на зимскиот период кој се карактеризира со доста ниски температури ние сме подготвени оваа зима да им обезбедиме топли и пријатни услови. Почнувајќи од сместувањето во самите објекти претежно од цврста градба, ставаме дебел слој на простирка која овозможува изолација, поставување квалитетна сува слама, изјави Божиков.
Дополнително кај мајмуните има и клима уред, за да им биде топло живеалиштето. Постојано се работи и на промена на водата, со цел да не замрзне и животните да останат без вода за пиење.
-Водата која на овие температури може да биде доста ладна ја менуваме доста често, со цел да имаат вода, која ќе биде пријатна за нив, рече Божиков.
Животните во ЗОО Паркот Бриони во текот на зимскиот период добиваат разновидна и балансирана храна, полна со минерали со цел да се одржи имунитетот, а редовно се и вакцинираат. вдј/дма/
Фото: МИА