• e diel, 28 korrik 2024

За ВМРО-ДПМНЕ ребалансот е „крпење дупки“ и спас од банкрот на државата, а за СДСМ показател дека власта е во хаос и без визија

За ВМРО-ДПМНЕ ребалансот е „крпење дупки“ и спас од банкрот на државата, а за СДСМ показател дека власта е во хаос и без визија

Скопје, 27 јули 2024 (МИА) - Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата и денеска, во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет, ги спротивставуваат ставовите околу ребалансот. За едните ребалансот е спас на земјата од банкрот, почеток кој најавува жестока инвестициска офанзива и борба против криминалот и корупцијата, а за другите показател дека Владата е во тотален хаос, без визија и капацитет да спроведе реформи и да ги реализира ветувањата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот е „крпење дупки“ и обид невозможното да стане барем малку возможно, додека според СДСМ, лош почеток кај ја покажува конфузијата на власта.

Пратениците од СДСМ обвинија дека со ребалансот не се предвидени средства за пораст на минималната плата, за плати на здравствените и просветните рабтници, за Армијата и полицијата, дека со него се суспендираат колективните договори и сите барања на синдикатите, како и дека се скратени средства во образованието, на што од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека тоа се лажни тези и дека пари за зголемување на платите и пензиите ќе има, но и дека Владата ќе биде исклучително квалитетен партнер во социјалниот дијалог со синдикатите.

-Ребалансот е само почеток кој најавува жестока инвестициска офанзива и борба против криминалот и корупцијата. Правиме невозможното да стане барем малку возможно. Вложуваме максимални напори на мускули да ја истуркаме 2024 година, а во 2025-та ќе креираме реален буџет за реализирање многу инвестиции, буџет што ќе значи трошење по мерка, а не по желба. За нас народната каса е како семејната. Наш предизвик е да ги намалиме сиромаштијата, иселувањето и долгот, со многу чесна работа, без нималку крадење и со максимални напори народните пари да се трошат само за народните. потреби. Со ребалансот ќе ја спасиме земјата од банкрот, а со следнот буџет ќе почнеме да ја издигнуваме од пепелта за да ја изградиме како наш нов дом, истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Реплицираше Даниела Николова од СДСМ, оценувајќи дека Владата не знае што прави. 

-Владата е во тотален хаос и не знае што прави. Со ребалансот се покажува кои политики ќе ги применуваат во следниот период. Но, ваквата состојба на хаос за мене не се за изненадување ако се земат предвид кадровските решенија на сите нивоа. Тие јасно зборуваат дека не треба да имаме никакви очекувања. Ако СДСМ беше фокусирана на зголемување на платите и надминување на кризите, актуелната влада очигледно нема фокус, влегува во целосен хаос кој за кратко ќе го почувствуваат граѓаните. За само еден месец оваа Влада покажа дека нема да се грижи, ниту за државата, ниту за граѓаните. Ребалансот покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за работниците и дека нема намера да ги почитува колективните договори. Нема раст на минималната плата и зголемување на платите на работниците. Мицкоски е без грам совест и одговорност, заедно со министрите реши да поторши 20 000 евра на повратни бнилети за САД, ветуваа домаќинско работење, но веднаш покажаа дека им е важен луксузот, истакна Николова.

Таа се осврна и на унгарскиот заем.

-Зошто земаме заем баш од Унгарија која е зависна од ЕУ фондовите, кои се условите за овој заем, дали има скриени клаузули, дали можеби гарант за овој заем е пријателство на Орбан и Груевски? треба да одговрите на овие прашања кога веќе велите дека ќе бидете транспарентни, им порача Николова на колегите од ВМРО-ДПМНЕ. 

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ и одговори, дека не Владата, туку државата е во хаос.

-Не е Владата во хаос, туку државата - од вашето неработење, од душмансото трошење на народните пари и историскиот грабеж. Со тоа мора да се соочите и мора да расчистите во сопствените редови, рече Ласовска. 

Претходно реагираше и Александар Јамалов, со констатација дека „ребалансот е гаснење пожари кои горат во касите и сметките на државните институции“. Тој најави и дека „за лошото економско работење на претходната власт ќе има одговорност“.

Дискусијата е во тек и ова е трет ден од расправата за ребалансот на Буџетот. Општата расправа за ребалансот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон. 

Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. мч/дма/

фото: принт скрин

QËNDRONI TË LIDHUR