• e martë, 16 dhjetor 2025

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка на функцијата (видео)

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка на функцијата (видео)

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) – Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска соопшти дека поднел неотповиклива оставка на функцијата.

Коцевски во образложението што лично го презентираше пред медиумите истакна дека функцијата од која заминува ја вршел чесно и достоинствено, а оставката ја поднесува поради, како што рече, „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“.

- Доказ за тоа е што што дури денеска на само еден час пред закажаниот почеток ми беше доставена покана да присуствувам на седницата на Собранието на која ќе се расправа за мое разрешување. Предлогот за разрешување воопшто не ми е доставен така да не знам на знам на што треба да се признесам, рече Коцевски.

За денешната собраниската седница кажа дека е очегледно оти требало да претставува само формалност, бидејќи не му бил оставен разумен рок за да подготви соодветно обраќање.

- Тоа е така затоа што е јасно дека станува збор за предлог кој не е засниван ниту на закон, ниту на факти туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на јавното обвинителство, рече Коцевски.

Од сознанијата што ги има, предлгот за негово разрешување рече дека содржел само три реда, од кои ниту еден со соодветно образложение или аргументирана поткрепа.

- Државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така, не заради заштита на Љупчо Коцевски или било кој што ќе дојде на функцијата, туку заради заштита на самостојноста на ЈО и начелото на поделба на власта, принципи кои денеска се длабоко нарушени..., рече меѓу другото Коцевски.

Коцевски ја искористи можноста да посочи дека независно од сложените услови во кои работи Јавното обвинителство, податоците од годишните извештаи говорат за ефикасна работа на Обвинителството.

- Сработени се голем број предмети од висок јавен интерес, со опфатени осомничени блиски до различни политички и бизнис-центри на моќ. Тоа говори за неселективнот и објективен пристап во работата на ЈО. Имаме правосилни пресуди за поткуп и влијанија врз правосудството, имаме активно обвинение против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција, имаме поднесени обвиненија против организирани групи од нарко-подземјето, имаме отворени истраги за даночни малверзации, злоупотреби на ИПА фондови и многу други предмети со кои поради несовесно работење е нанесена штета на државата, сигурно над дваесеттина можеби триесет такви предмети. Конечно, за рекордно време од два и пол месеци ја завршиме истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, а во тек се постапки и проверки за други предмети кои произлегоа од таа постапка, посочи Коцевски истакнувајќи дека сето тоа е сработено неселективно и без компромис во тешки услови на политички прозивки.

Коцевски уште изрази лично убедување дека Обвинителството има институционален капацитет да работи објективно и непристрасно притоа укажувајќи дека институциите, како што рече, се поголеми од поединците, а правдата мора да биде оголема од политиката.

Оставката е поднесена и доставена до Собранието. Во во официјалниот допис до претседателот на Собранието Африм Гаши бара пратениците на денешната седница да го утврдат престанокот на неговата функција како Јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Инаку, на денешната 76. седница Собранието треба да расправа по владиниот Предлог за разрешување на Коцевски.

Во Предлогот доставен од Владата се посочува дека разрешувањето се бара поради направени крупни професионални грешки при раководењето на Јавното обвинителство, неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со Закон, како и заради нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед во целина не постапувајќи согласно обврските предвидени во Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. аб/са/

Фото/видео: МИА

 

QËNDRONI TË LIDHUR