Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово одбележува 69 години од постоењето
- Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово денеска одбележува 69 години од постоењето. Вработените и корисниците во домот, заеднички испратија порака дека функционирањето на ваквите установи е сè попотребно во земјава која не ја одминува европскиот тренд на стареење на населението.

Куманово, 26 март 2025 (МИА) - Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово денеска одбележува 69 години од постоењето. Вработените и корисниците во домот, заеднички испратија порака дека функционирањето на ваквите установи е сè попотребно во земјава која не ја одминува европскиот тренд на стареење на населението.
- Неминовно е да постојат ваков тип на институции и од тие причини сакаме таа порака да биде пренесена, потребата од постоење на ваква институција е оправдана. Импресивно е постоењето на домот 69 години. Треба да бидеме благодарни на нашиот сограѓанин Зафир Сајто по кого што и нашата институција го носи името значи пред цели 70 години тој одлучил да ја даде својата куќа како донација на градот. Практично низ годините растела потребата од една ваква институција и во седумдесеттите години од минатиот век започнала изградбата на една ваква модерна институција. Изминатава година постојано вложувавме во подобрување на условите, изјави директорот на Домот за стари лица, Дејан Стојановски.
Во моментов сместени се 170 стари лица од државата, целосно е исполнет капацитетот. На почетокот од функционирањето во осумдесеттите капацитетот бил за 110 лица, претходните менаџери вложувале и сега капацитетот е 170 лица.
Последниве години се повеќе семејства бараат сместување за своите родители во домовите за стари лица. Неможноста да се грижат за нив, поради обврските ги принудува да бараат постојана нега за возрасните членови од нивното семејство.
Преку ЈП „Куманово план“ изработен е проект за реконструкција на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, кој ќе ја задржи досегашната архитектура, предвидено е санација на фасадата, замена на подовите, замена на електрична, инсталација, целосно внатрешно санирање.
Домот ги исполнува стандардите пропишани со законската регулатива. ам/дма/
Фото: МИА