• e shtunë, 27 korrik 2024

Димитриеска-Кочоска: Ребалансот значи спроведување на колективните договори и сите други обврски, од 2025-та може да размислуваме за развоен буџет

Димитриеска-Кочоска: Ребалансот значи спроведување на колективните договори и сите други обврски, од 2025-та може да размислуваме за развоен буџет

Скопје, 27 јули 2024

Вработените во јавниот сектор ќе ги добијат правата коишто ги предвидува Општиот колективен договор. Со ребалансот на Буџетот обезбедивме средства и ќе се спроведе се што е предвидено со Колективниот договор, а ќе има и усогласување на платите предвидено со Закон. Ова го посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ Алфа, во која најави дека ќе се работи на предизвикот со нееднаквоста на платите во различни институции. 

„Усогласување на платите на вработените во јавниот сектор ќе има. Иако, прашањето е зошто за тоа не биле предвидени средства во Буџетот. Исто така ќе се спроведе и се она што подразбира Општиот колективен договор. Но, она што отвора дилема е што се донесол Закон за високо образование во Собранието со кој им се зголемуваат платите, при тоа не се планирани средства во Буџетот. Се потпишува Колективен договор во Министерство за одбрана, исто така не се предвидени средства. Се потпишувале колективни договори и се зголемувале плати. Но, навистина има одредени институции коишто од аспект на платите се во многу лоша состојба, во однос на други институции каде има големи плати. Тука претставуваат предизвик и платите во здравството, образованието. Но тоа е прашање што ќе се решава во наредниот период. Во платите на вработените на исто ниво во различни институции не треба да има толкави разлики“, рече министерката и додаде дека за да не се продолжи со таквата пракса и да се прави штета на одредени вработени дадена е насока да не се потпишуваат колективни договори без обезбедени средства за таа намена и дека таквата постапка ќе се спроведува преку Министерството за финансии. 

Министерката оцени дека станува збор за буџет кој до крајот на годината обезбедува сервисирање на законските обврски и доспеаните обврски, со цел од следната година да може да се размислува за развоен буџет. 

„Дали е развоен или не може да зборуваат, на крајот на денот, резултатите што ќе се остварат на крајот на годината. Резултатите на претходната Влада гледани преку БДП  зборуваат дека не бил развоен и дека спроведувале катастрофални политики. Овој Буџет треба да ги сервисира законските обврски и доспеаните обврски, за да може следната година да размислуваме за развоен буџет“, истакна министерката за финансии, додавајќи дека се обезбедени средства за плати, пензии, студентски оброк, стипендии, спортски ваучери, социјални надоместоци...

Осврнувајќи се на состојбата со јавниот долг рече дека тој е двојно зголемен од 2017 година, а растот на БДП е поразителен. 

„Прво треба да погледнеме како стигнавме до тој процент од 68% Не можам да дозволам да се коментира дека ќе имаме странско задолжување, затоа што тоа е планирано од претходната Влада. Да немавме избори ќе беше реализирано претходно. Она што се трудиме е да најдеме поевтина алтернатива за странското задолжување. Ако излеземе на пазарот со еврообрзница ќе плаќаме камата над 6%, а сега ќе плаќаме 3,25%. Она што е факт дека ние го зголемуваме долгот за 181 милион евра колку што е дефицитот. Планираме малку поголемо задолжување затоа што во јануари и февруари ни достасуваат големи кредити. И летгитимно е да сме загрижени затоа што не сакаме да дозволиме да ни падне кредитниот рејтинг“, посочи Димитриеска- Кочоска. 

Во интервјуто вели дека нивото на јавниот долг е согласно постојната Фискална стратегија и дека со носењето на новата можно е ревидирање на нивото што ќе зависи од тоа дали ќе се реализираат одредени проекти како што е жеклезницата кон Бугарија.

Во гостувањето се осврна на состојбата во која е затекната буџетската каса, посочувајќи дека таа била во минус 3,6 милијарди денари, а на девизната сметка салдото било само 47 милиони евра.

Министерство за финансии

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

QËNDRONI TË LIDHUR