• e premte, 21 shkurt 2025

Димитриевски: Државниот грб ги задоволува сите потреби, мораме да се фокусираме на многу поважни теми

Димитриевски: Државниот грб ги задоволува сите потреби, мораме да се фокусираме на многу поважни теми

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Државниот грб што го имаме во моментот ги задоволува сите потреби. Не е точна тезата дека само одреден број на држави кои се настанати во поствоениот период ги носат комунистичките определби. Денес имате држави членки на ЕУ токму со грбови коишто се донесени уште во тој временски период и се прогресивни и напредни држави, како што е Словенија, вели претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски.

Тој вечерва во гостувањето во дневникот на телевизија „Сител“, говорејќи за актуелните ставови во врска со евентуалната промена на државниот грб, потенцираше дека тој во целост ја отсликува нашата современа иконографија.

- За државниот грб и неговото значење од суштински аспект многу повеќе треба да говорат хералдичарите, бидејќи тие се стручни и компетентни. Нашиот грб за првпат датира од 1946 година. Точно е дека тоа е иконографија, не само на нашиот државен грб, туку и на сите новосоздадени држави после Втората светска војна, кои што првенствено се со социјалистички или комунистички идеи, и од тогаш претрпува две модификации. Се менува во Социјалистичка Република Македонија, а последната промена е кога е тргната петокраката која има симболика на Народноослободителната борба, кога ние всушност и станавме независна држава. Променет е првиот изглед, од Пирин планина на самиот грб, при што подоцна за симбол одбележје е земен највисокиот врв - планината Кораб. Ја имаме реката Вардар и сметаме дека овој грб во целост ја отсликува нашата современа иконографија и каква е Македонија - различна по сите основи, а во суштина држава создадена по труд и крв на нашите предци кои се заложиле да ја имаме, рече Димитриевски.

Тој е на ставот дека овие теми требало да бидат елаборирани во последните 35 години во државата, а дека сега мора да се фокусираме на многу поважни теми како што се економскиот развој, борбата против корупцијата, евроинтегративниот процес.

- Се отвори темата за менување на грбот. По дифолт веднаш дојде барање за измени на химната. Претпоставувам, дополнително ќе се отвори и прашањето за знамето и тоа се теми кои не враќаат назад, а ние сме против отворање на таквите теми и сметам дека тој вокабулар треба да биде минато во државата. Овој грб е апсолутно нешто што ние го имаме во моментот и ги задоволува сите потреби, нагласи Димитриевски.

Во однос на химната, рече дека имаме идеална химна со полн легитимитет која ја одразува целата наша историја.

Во врска со тоа какви се односите во коалицијата, Димитриевски рече дека се принципиелни, но и дека сите партиципенти во власта имаат свои автохтони политики, односно свои ставови и мислења.

Прашан дали ќе се кандидира повторно за градоначалник, Димитриевски рече дека се прават анализи и сондажи и дека ќе го почитува ставот на граѓаните. 

- Многу поважно е како ќе се настапи на овие избори од аспект на нов политички субјект кој за првпат излегува на локалните избори. Ќе имаме соработка со ВМРО-ДПМНЕ, работните групи ќе почнат со разговори на оваа тема и сметам дека ќе дојдеме до заедничко решение. ЗНАМ ќе учествува со советнички листи на претстојните локални избори во сите општини каде што имаме општински организации, рече Димитриевски. бт/бак/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR