• e martë, 17 dhjetor 2024

Деца од реканскиот регион на гости кај своите другарчиња од Кичево и во посета на манастирот Пречиста

Деца од реканскиот регион на гости кај своите другарчиња од Кичево и во посета на манастирот Пречиста

Дебар, 16 декември 2024 (МИА) - Со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскот манастир, деца од реканскиот регион, викендов беа во посета на манастирот  „Света Богородица - Пречиста“ или Крнински манастир, во Кичево а беа гости и на нивните другарчиња во овој град.

Децата заедно со своите домаќини од Кичево – членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ учествуваа во секојдневниот богослужбен ритам на манастирот а присуствуваа и на специјално организираните активности за нив.

-Пеењето на Божиќни каланди, часови по Вероучение, запознавање со знаменитостите на градот Кичево, како и со историјата на нашиот древен манастир посветен на Богомајката Пречиста, во нив внесе голем ентузијазам, будејќи им нови креативни сили за учење и создавање. Нивните прекрасни гласови одекнуваа низ манастирските ѕидини, носејќи им радост и топлина на сите присутни, рече за МИА, сестра Ефимија.

Додава дека оваа посета на манастирот Пречиста, била одлична можност за децата од реканскиот регион да стекнат многу нови пријателства и да ги зацврстат другарските врски со своите врсници од градот Кичево.

Според сестрата, посетата била надополнета и со многу изненадувања, неѓу кои и она што било приредено од страна на почитуваните пријатели на Бигорската свештена Обител, семејството Андоноски од Битола, кои подготвиле забавни активности, како и празнично пакетче за секое од дете.

- Изразуваме огромна благодарност кон нашиот Старец и Епископ Антаниски г. Партениј, за тоа што ни овозможи да бидеме дел од една прекрасна, чиста и искрена дружба, имајќи можност да придонесеме за доближување на чистите детски срца до Бога, нагласува сестра Ефимија. вт/сст/

Фото: Бигорски манастир 

QËNDRONI TË LIDHUR