Дебарските пожарникари со поголем број интервенции од минатата година, повеќето на отворен простор
- Дебарските пожарникари во изминатиот период од годинава имале 12 интервенции повеќе, споредено со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 90 интервенции.
Дебар, 9 ноември 2024 (МИА) - Дебарските пожарникари во изминатиот период од годинава имале 12 интервенции повеќе, споредено со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 90 интервенции.
-Имаме 102 интервенции од нив 79 се пожари на отворен простор, 9 на објекти, 14 се технички интервенции, за среќа немаме интервенции на сообраќајни средства. По обем на зафатена површина се двата големи пожари кај селото Татар Елевци, над градот, како и пожарот над селото Гари. Пламените јазици опожарија над 300 хектари мешана дабова шума, сува трева, ситно стеблеста, како и високо стеблеста шума, изјави за МИА Џетан Мифтароски, командир на Територијалната противпожарна единица.
Според него, во гаснењето на овие пожари, кои беа на стрмен недостатен терен, покрај дебарските пожарникари, биле вклучени и вработените од подружницата „Стогово“ на ЈП „Национални шуми“, како и месно население, а во гаснењето на првиот пожар кај Татар Елевци и два „ер трактори“, кои со вода се снабдуваа од Дебарско Езеро.
-Она што особено сакам да го нагласам е фактот што како резултат на нашите редовни апели споредено со истиот период минатата година имаме за 10 помалку интервенции во гасење на пожари на објекти од запалени оџаци. Но, понатаму стои апелот оџаците редовно да се чистат, апелера Мифтароски.
Четиринаесетте дебарски пожарникари освен во општина Дебар, интервенираат и во општина Центар Жупа, како и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.
Покрај тоа, од хуман аспект, во договор на локалните власти на Дебар и соседната албанска општина Пешкопеја, по потреба, тие интервенираат и во албанските пограничните населени места.
Во средината на септември со едно возило и четворица пожарникари помогнаа во гаснење на пожар во објект за производство на мебел, лоциран во населбата „Доброва“ во Пешкопеја, град кој е на оддалеченост од Дебар на 23 километри, чија локална власт искажаа голема благодарност. вт/сст/
Фото: МИА/ТППЕ-Дебар